Град на гејшите

Вакво Скопје го сакам до јајца. Затоа што е споро. Заробен во снег, градот добива некаква аристократска елеганција во својот ритам. Автомобилите одат гордо полека, како да се дел од погребна поворка за блаженоупокоеното лето. Скопјани чекорат грациозно, како гејши, како да е во тек една од оние камперски игри во кои треба да стигнеш до целта со живо јајце меѓу нозете ама да не го скршиш. Кој направи чекор поголем од 10 сантиметри, го прогласуваме за авантурист.

Ете бе луѓе, попушти горештината! Џабе се буневте. Ве слушав во август како кукате, ја пцуете владата што не прогласува елементарна непогода, се криете од сонцето како од инкасатор. Како да не сме научиле досега дека за секој метеоролошко-политички проблем е потребно само трпение и време – за тој да се промени со друг метеоролошко-политички проблем.

Август најдобро се избива со декември. Кој тебе со тропикал хит, ти него со ванила ајс. Џабе е сега да ја колнеме својата летна инвестициона кусогледост и нејзините капацитети фрлени во стечај – вентилатори, ледомати и маици што не држат топло. Ги гледаме и си викаме – како можев да бидам толкава будала да се полакомам по парче облека само затоа што ја оставало кожата да дише. Какво дишење море, што има убаво во тој преценет глагол? Секоја пора што дише, деновиве ја чувствуваме како предавник во сопствените редови. „Издаде Станиславе, курво матора” – и викаме на пората, топло изненадени што од нас конечно проговорил Радован, смртниот непријател на фамилијата Вилотиќ.

Деновиве би се брцнале во топол восок само за да го спречиме одливот на нашите тешко стекнати девизни резерви изразени во моментно најбараната валута – целзиус. Покајнички се сеќаваме на избрзаните јунски потези кога полакомени од транзициониот период наречен лето, од дома исфрливме куп стратешки производи во вид на стари џемпери, шалчиња и капи. Солзите сами навираат кога ќе се сетиме на она браон капутче кое неоправдано го отуѓивме. Било мало, како да не! Смешно ни стоело – си го питам. Ни стоеше пасент, искрено да си признаеме. Во него ја заземавме идеалната поза за вакви денови – онаа кога рамењата ти ги допираат ушите.

Поларна болка го пресекува кортексот кога ќе ни текне дека во јуни наивно го отфрливме оној рамковен договор за нашата глава, во народот познат како волнена капа. И тоа само затоа што веќе не ни собирала на главата, големо чудо. Ебате главата, пораснала како бојлер – другарски се самокритикуваш по што го колнеш непишаниот космички закон по кој на волнените капи уште како мали им се вади хипофизата што ги спречува да растат сразмерно со површината пер капита.

Сепак, треба да се ужива и на вакво време. Статистиката е на наша страна. Кога на човек едната нога му е во кофа со жар, а другата во кофа со мраз, статистиката тврди дека тој се наоѓа во идеална температурна околина. Затоа, слободно препуштете им се на прекрасните медитерански 24 целзиусови во просек.

Рака на срце, јас уживам и вака. Вакво Скопје го сакам до јајца. Затоа што е споро. Заробен во снег, градот добива некаква аристократска елеганција во својот ритам. Автомобилите одат гордо полека, како да се дел од погребна поворка за блаженоупокоеното лето. Скопјани чекорат грациозно, како гејши, како да е во тек една од оние камперски игри во кои треба да стигнеш до целта со живо јајце меѓу нозете ама да не го скршиш. Кој направи чекор поголем од 10 сантиметри, го прогласуваме за авантурист. Така и треба да го рекламираме зимскиот туризам во градот: Скопје – град на гејшите.

Додека спокојно очекувам меѓународна конференција под покровителство на НАТО, ОБСЕ и ОН на која ќе се реши дали улиците треба да ги чисти градот или општините, полека се подговтувам за на работа. За да стигнам таму, ми требаат два саата. Еден за облекување, еден за да стигне гејшата на работа. Ама уживам во ритуалот. Единствено промрчувам кога ќе поминам покрај некој прозор дома – ги направиле така мајсторски, мама си тракале. Толку прецизно дихтуваат, може мачка да ти влезе преку затворен прозор.

Значи, прво ѕиркам накај влез да видам на овие од зграда да не им текнало баш сега да организараат работна акција „Чист влез 2001”. Откако констатирам дека и тие чекаат меѓународна конференција, се облекувам како зелка, на слоеви. Последното парче облека ми е за 7 броја поголемо од првото. Кога се соблекував за последното бањање, на себе си најдов една маица за која мислев дека сум ја изгубил.

Потоа излегувам надвор и почнувам да напредувам во гореопишаните 10 сантиметарски фази. Газам како да влегувам во туѓа спална. Постојано свесен за последиците од избрзаното донесување поголеми чекори: знам дека во градов се прави масовно сиртаки со коските, знам дека Брза Помош не може секаде да стигне – додека дојдат тие, коскава сама ќе ми зарасне. На вести рекоа и дека има дефицит од штрафови и шипки. Ако скршиш нога, треба да им однесеш и пар колци за патлиџани за да ти ја зацврстат.

Ама, ниедна црна мисла не може да се спореди со задоволството од оние сцени – кога на оној пред тебе одеднаш ќе му се дислоцира точката на рамнотежа, оние две секунди во кои таквиот човек изгледа како телото да му го опседнале четири духа па секој башка управува со по еден негов екстремитет. Е јеби га, интересни се таквите егзорцизми. Нормално, ова те тера да направиш сопствен ребаланс и поучен од претходникот да ја намалиш инфлаторната спирала на 7 сантиметри по чекор.

Ама, саат време и ете ме на работа. Проверувам пошта. Ми пишале извесни Светлана и Мишко. Од Ресен. Не ги познавам луѓето, ама знам како им е. Се израдувале деновиве Мишко и Светлана на снегот па решиле во двор да направат Снешко. Го стокмиле по сите правила. Утредента, Снешко исчезнал од дворот. Едноставно, го снемало! Не дека некој им го срушил. Немало никаква трага од него. По некое време го виделе својот Снешко, во дворот на првиот комшија! Нема утка, за истиот Снешко се работи – истите карактерни црти на лицето, истиот ДНК, истиот морков. Комшијата решил да го посвои нивниот Снешко и да го насади во својот двор. Баш така. Како во неговиот двор да не врнело снег. Мишко ме прашува до каде сме стигнале како луѓе кога сме почнале да си ги крадеме и Снешковците. Не знам Мишко. Ама знам дека си му рекол на комшијата дека за ова ќе го има во весници. И види стварно го има.

Ви викам јас бре луѓе, кога тогаш – ќе им се познае илето.

Трендо

9 јануари 2017 - 15:15