Доцневте во Јајце, доцневте и во Штип

Сè што треба да знаете за светот беше кажано во Штип! Беше кажано, ама, не доаѓате! „Изгледа на Фејсбук подобро ни оди отколку вака“, резигнирано ќе каже организаторот на јавната трибина гледајќи колку (николку) луѓе имаат дојдено на овој храбар почеток на ширењето на вистината. Сослушавме, фаќавме стенограми и на крај можеме само да им порачаме на Сатанистите - стварно сте бре говна, како можете така?!?

Сите телевизии во сите држави се потплатени. За да вршат „мајнд контрол“.

Непријателот на човечкиот род не е многуброен. Ги има околу 4 милиони и се викаат Сатанисти.

Врвни Сатанисти во светот се 13 семејства во Ватикан.

Актуелната пандемија е планирана 70 години. Првиот состанок е во 1952 година кога седнале некои банкари и појаки магнати и се прашале „Што да освојуваме во Третата светска војна?“.

После електронското здравство за малку ќе доживеавме и електронски коли кои ќе бидат на струја со изговор дека нема нафта. А нафта има многу.

Одговорно се тврди дека Трамп не е Сатанист.

Во 2017 се формира војска од еден милион доброволци кои се спремни (од срце, од душа, патриотски) да влезат во подземјето на цела планета. Бидејќи Сатанистите имаат тунели за дотур на деца. А свежа крв од уплашени деца овозможува вечна младост ама па создава огромна зависност и никој не може да се симне. Една доза држи само две недели. Кој не добие нова доза, не издржува па се самоубива.

Нашата плата сега треба да е 1.000 евра минимум. Ама една третина оди за овие во државна администрација, 300 евра одат за Сатанистите и ние добиваме само 300 евра.

5Г мрежа е електромагнетен затвор за секој организам. Нема мрдање. Ја згуснува крвта, таа не може да дојде во срцето и човек умира а му прават изговор дека умрел од корона. „Тоа е електромагнетен затвор. Ќе те насочи, ќе те пушти и толку е“. 

Во 2017 година Трамп направи комплетна обиколка на секоја држава во светот и им кажа на тие што ги водат државите дека ќе бидат решени ако не играат по негово. Им кажал со знаци. Во меѓувреме, 158.000 Сатанисти се под итно егзекутирани а можат да ја дестабилизираат планетата, крајно. 

Папата е егзекутиран. Под Ватикан се наоѓа споменик на сатанистите и таму се жртвуваат деца (во овој дел ќе дознаете од каде му на папата црвени чевлички).

За пандемијата секоја држава има примено поткуп (од Сатанистите, не од Трамп), освен Белорусија во која Лукашенко го зголеми животниот век од 54 на 84 години.

Изборите во Македонија беа тежок фалсификат ама Трамп и неговата тајна слуба се максимално известени.

Наскоро (до крај на оваа година) Трамп ќе донесе закон „Гесара“ кој ќе важи на цела планета, ќе направи независно судство, нови начини на лечење (без лекови), со Теслин изум одма ќе се убиваат клетки на рак ако им се погоди фреквенцијата, исто и леукемија, секоја гранка ќе се реформира а долговите на граѓаните кон банките наскоро ќе бидат отпишани.

Кој има кредит, за некој месец ќе биде израдуван. А кој не оди на работа, ќе прима исто пари како да оди на работа.

Војската на Трамп спасила 14 милиони деца вадејќи ги од подземните сатанистички бункери.

Вистината е како шило. Одиме до крај. Ќе победиме.

Имаме утакмица ракомет, Вардар игра.

**********

Видеото е тука, делот кој го запишавме почнува на 27-ма минута.

 

8 септември 2020 - 10:18