Братислав Димитров: Шминкери

Секој што не може да погоди ни копче на капут, автоматски станува аналитичар или експерт. Пoгодува што ќе се случи во светот, неговото маало и лонецот на сопругата. Нашата демократија е најголема. Во политиката примаат секого освен тие што имаат ишијас. Не можат да се наведнат.

Шминкери се луѓе со вишок на форма и недостаток на содржина. Тие секогаш сакаат да бидат во центарот на вниманието. Дури и кога одат на погреб, сакаат да бидат покојникот. Бескрајно се заљубени во себе, ама и тогаш се љубоморни. Веруваат во реинкарнација и цел имот во тестаментот го запишуваат на свое име. Познати се и по своето енциклопедиско незнаење. Додуша така сите сме познати, затоа што немаме енциклопедија. Кој ја забрани? Истите тие што ја испечатија трошејќи пари за хартија и хонорари! 

За наша среќа, функционира вековната традиција „самоук“ и шминкерите немаат проблем со ништо, особено кога зборуваат за себе. Често пати во трето лице еднина, манир кој е вообичаен само за кралеви и цареви.  Кога ги слушате, тие толку многу значајно и споро зборуваат за своето минато, што и вие станувате дел од него! Со нив, за само пет минути ќе „утепате“ цел ден.

Во старо време, телевизијата беше измислена за да можат и неписмените да носат наочари. Денес телевизијата и сите други „такозвани“ медиуми, служат за да служат некому. И служат. Објективно те информираат. Јас мислев дека сум излегол од купатило, ама тие јавиле дека сум излегол од мода. Затоа повеќе од десет години никој не се интересира за моите драмски текстови. И затоа никој и никаде не ми понудил да пишувам колумни. Можно е дека сум наивен и глуп, ама тоа не ми пречи да сфатам: топлинките во каљачи се топли и удобни обувки ама никој не ги носи. Излегле од мода, исто како мене. Тоа е. Живот. Подобро е да те прегази воз отколку да те прегази времето. И конечно, за пензионери се интересираат само пензиски фонд, погребално претпријатие и поп. Да не се жалам случајно? Се жалам. И не е случајно.

Има уште. Шминкерите никогаш не излегуваат од мода, затоа што ги има во сите професии. И престанете веќе еднаш да цмиздрите и да се жалите! За разлика од многу држави, во Македонија најлесно се постигнува успех. Тука полесно е да станеш член на академија на науки и уметности или друштво на писатели, отколку на кајакарски клуб. Секој што не може да погоди ни копче на капут, автоматски станува аналитичар или експерт. Пoгодува што ќе се случи во светот, неговото маало и лонецот на сопругата. Нашата демократија е најголема. Во политиката примаат секого освен тие што имаат ишијас. Не можат да се наведнат. За разлика од многумина странски, македонските политичари можат да пресметаат до дваесет без да ги соблечат чорапите. И многу читаат. Сепак, за роденден не им подарувајте книга, можеби веќе имаат една.

Сè нешто си мислам, кога можел оној Џемс Џојс да пишува за една улица во Даблин, зошто јас да бидам покусо од него? Јас ќе пишувам за цело маало! Да не беа нашите филозофирања пред гранапче, немаше да се постават круцијални прашања: „Ако е вистина дека еден народ има само таква власт каква што заслужува, кога ќе заслужиме воопшто да ја немаме?“ Цанко Курбла приложи амандман: „Само жените, лекарите и политичарите знаат колку многу лагата им е потребна и корисна на луѓето“. Боне Кант прибидејќи си го дрвеше во Австралија, се обрати во писмена форма: „Сите кукате дека младите се иселуваат од Македонија. Тоа не е проблем. Проблем е тие што остануваат!“ Ганза „Смрт“ нè загледа со двоглед свртен наопаку и грмна: „Ги поарчивме сите ножеви и грбови! Што ми значи ова? Сега ќе ви нацртам. После толку предавници и предавства, не заслужуваме ниту ливада а камоли држава!“ Мијалче длабоко разочаран и со глас на лирски поет му се обрати. „Абе Ганза, ние мислевме дека си патриот, а ти уствари си бил нервозен!? Со оловна тишина во очите, Ганза стана од гајбата за пиво, залепи шлајм на тарабите и засекогаш си отиде во Австралија, а ние останавме да се тешиме.

Во туѓина сè е тешко. Паганини истругал неколку виолини „Страдивариус“ за да го прогласат за маестро. Тука е колај работа. И на лист скинат од дрво да отсвири нешто, на извоѓачот не му гине титулата. Во таа пуста туѓина, ќе се одереш глумејќи го Хамлет, Лир или Ричард трети, за да ти го продолжат договорот за работа. Кај нас „глумец“ добива награда за животно дело затоа што „одлично изглумил“: антички гласник, вториот копјоносец, третиот комшија на главниот лик и човек од толпата. Тука со неколку скечеви и смешки, „естрадните уметници“ добиваат ордени од прецедникот лично, кој не живее во странство само заради патриотски причини.  Во туѓина плаќаат тешки пари на професори за пеење. Тука  додека некој се тушира и си пее, уште мокар го носат на некој од безбројните фестивали. Обратните примери се уште пострашни. Ние имаме врвни луѓе во сите сфери, ама не се доволно „интересантни“ за поткасти, ток-шоу емисии, награди и признанија.

Каде е во оваа приказна обичниот човек? Ене го, на балкон. Тресе јамболија секогаш кога неговиот комшија ќе седне да пие кафе, на катот под него. И тој од долу не е вчерашен и користи ефикасно оружје. По цел ден на најгласно пушта оперски арии! И само затоа што тој со јамболијата е заљубен во уметничкото творештво на Мица Трофртаљка и Дара Бубамара! Момо Капор во еден свој текст напишал: „Најголем бренд на Србија е кајмак и инает“. А ние? Добро се држиме. Само помалку произведуваме кајмак. Има безброј вакви примери, ама колумнава ми здосади и ја привршувам со последниот пример:

Во некогашниот хотел „Македонија“, на корзото помеѓу плоштадот и слаткарницата „Кај трујачот“, карши „Кооператива“ после кафич „Лондон“ а сега „Тренд“, 1967 година заедно со Симон Де Бовоар бил Жан Пол Сартр! Бадијала седел на терасата. „Култно место“ прогласуваат некоја биртија во која неколку шминкери кусаат чорба и разменуваат најнови трачеви.  

Наравоучение: Сите ние сме шминкери. Само процентот на нашиот шминкерај се разликува. Се разликуваме и по професиите со кои (не)се бавиме. Сепак има надежи. Еден театар објави конкурс за драма на млад автор. Јас ќе чекам конкурс за младолик автор.

Братислав Димитров

П.С. Петар Темелковски: „Кривата кула во Пиза е наша. Да не беше наша ќе беше права“.

12 февруари 2025 - 10:16