По неодамнешното руско влијание со рецептот за телешко, овој пат ја славам украинската кујна. Уште кога зарати сакав да ја искористам неприликата и да направам епизода у стилот ”Киевски котлет vs. Руска капа“, ама некако ми беше невкусно. Не јадењето, идиотлукот шо се дешава таму. Но откако помина време и апсурдот достигна монтипајтонско ниво, еве ме.
Денес ќе спремам еден рецепт за украинска супа шо јас лично го преферирам погуст, нешто како гулашот. Станува збор за розевиот супест лепотан наречен ’боршч‘. Уствари не е розев, туку е циклама, а циклама ваљда доаѓа од српско-хрватското ‘цикла‘ шо всушност значи цвекло. А цвеклото е нашиот главен бојадисувачки агент што ќе ни ја извапца денешната манџурија. Целата ‘Источен Блок‘ екипа има своја верзија на боршчот. Ние ќе се држиме најблиску до украинската. Ова е рецепт што трансгенерациски топли душа и флека чаршафи - од вредна стара бабаушка па сè до хипстери шо по Инстаграм си го објавуваат секој залак. Еден таков чувам во огледалото.
Па, полека да кинисаме на нашето шарено патување:
Авантурата ја започнуваме со 4-5 топки цвекло (може ем сирово, ем термички обработено), кромид, 2-3 моркови и една машала пиперка. Сето ова го делкаме на коцки и го оставаме на страна.
Месото: 400 грама говедско. Сецкаме на коцки хируршки прецизно како просечен учесник на некоја војвоѓанска гулашијада. Посолуваме и фрламе бибер. На јак оган и загреано масло ги закафенуваме коцките месо. Значи 3-5 минути со постојано мешање. Месото го вадиме и оставаме да почека.
Во истиот сад го запржуваме зеленчукот: прво кромидот, морковот и пиперката, а по 5 минути и цвеклото. Вака заедно сите уште 5 минути, потоа го враќаме месото и целата упржена банда ја наводнуваме со литар ипол врела вода во која имаме растворени 2 говедски бујон-коцки. Ова ќе ни го интензивира меснатиот вкус и ќе појача на рустичност.
Намалуваме на среден оган и оставаме да крчка 45 минути до 1 час.
При крај сецкаме малку зелка (100тина грама), магданос и свеж копар. Сето ова го динстаме уште 10-тина минути. Оставаме густина по желба. Традиционалниот рецепт е апла супест. Солзи од вампири. Но јас го преферирам густ како последна недела пред плата.
Уз боршчот би препорачал зелка&марула салата и малешевски количини ракија.
На крај сервираме по чиниите во Џексон Полок стил и додаваме една голема лажица павлака која ја крунисуваме со гранче од свеж копар.
За овој рецепт ни беа потребни 2 јетри, плејлиста од Ник Кејв & The Јужни Ветар's и јако озвучување, за да знаат до комшиското маало чија куќа боршч јаде!
Кирил Стоименов -зимзеленски