Сатараш

Ако некогаш случајно, ненадејно, инцидентно или неочекувано добиете нагон извесен збор од било кој друг јазик да го трансформирате во маџарски, додатете само суфикс -аш и уживајте во исходот. Oсвен што е земја на Будим и Пешта, небитните актерки во филмовите на Роко Сифреди и клетите царинарници на Хоргош, Унгарија воедно е и позната по динстаното говедско месо. Гулаш, паприкаш, сатараш... И сетоа тоа проследено со чардаш, у тим лепим ногама.

Сите овие рецепти се помалку или повеќе слични, да не речам исти. Ама нема да речам, затоа што исто и слично не е исто, слично е. Војвоџаните исто се манијакални кога станува збор за вакви динстани меса у нивните ‚котличи‘. Комшиско влијание. И пуста желба да се попие како да не постои утре.

Тие овој рецепт го нарекуваат беќарац, но ние ќе одиме со сатараш. Затоа што звучи скроз дрско и како име за блек-метал бенд од Република Српска.  Како и секогаш, не следиме ‚слепо‘ традиционални рецепти туку храбро, но внимателно даваме оффнетски твист на нештата.

Соу каман летс твист аген, оваа есенска рапсодија нема сама да се зготви:

Парче говедско месо ала Том и Џери, помеѓу 400 и 600 грама. Го средуваме на коцки, средна големина. Јас пробав да набавам пиперки во растафаријански бои, но успеав да најдам само жолта и црвена. Ако има и зелена на вашите маалски тезги, земете и зелена. Ги елиминираме семките и сецкаме на коцки со од прилика сантиметар ипол по страна.

Друго од зарзавати: многу лук и многу рузмарин.

Тавислава, полна со масло. Загреваме на умерен оган. Прво ги џишнуваме коцките месо. 5-7 минути, да се избланшира и покафени од сите страни. Потоа на ред е лукот. Го праќаме да го впие меснатиот сок од тавата, едно 3 минути. На крај пиперките, да ја расшаренат приказната и да омекнат. Нека се погушкаат со останатите зарзавати уште 5 минути.

Време е за течен шок. Вино. Црно како трета смена. 300 милилитри. Овде го намалуваме интензитетот на огнот и динстаме 15-тина минути.

Потоа уште едно освежување со уште пола литро вода и говедска коцка. Додаваме и гранче рузмарин. И од тука па до последната епизода уживаме во мелодијата од говедскиот жубор.

Динстаме уште саат најмалку. Доколку ви прифали вода, слободно дотурете врела вода. Кога месото ќе се распаѓа при мал и нежен допир, знаеме дека сме готови. Тргаме од рингла и подаруваме букет свеж магданос низ тавата.

Сервираме во чинија со бонус сосче - вашиот омилен сенф. Една лажица. И имаме сервис ас. Ова трпи мостодонски количини винце. Удрете по една. Да се најде пред Џолета Б, човекот се утепа од спомнување вина, сатараши, беќарци и слични мајстории по стиховите.

Чао царови и царици, уживајте коа речам!

Кирил Стоименов - Балалајка

5 ноември 2022 - 12:17