Виолетовата зелка секоја зимска сезона добива Оскар за споредна улога со тоа што ја бојадисува расолницата во секси розе боја. Со своите покрути листови aka кошули триста, таа е поретко сервирана по кафаните во облик на салата,за разлика од нејзината прва братучетка - зелената зелка. Не дека е научна фантастика да здробеш ваква зелка и да ја сместиш во салата, но и покрај тоа што ќе ја исецкаш на најтeнко шtо можеш, нејзе ѝ треба повеќе време за да омекне упивајќи ги маслото и киселината. Значи си бара малку повеќе марифетлук. А крута свежа зелка некако знае да утепа филм. Затоа повеќе ја форсираат по кремасти салати или-ми-ти кулсла.
Таква слична, само со зелена зелка, спремавме во „Растргнати буковки со кремаста салата“. Во ваква комбинација виолетовата зелка е одличен елемент бидејќи нејзината елегантна горчина суперски парира со кремастиот агент - најчесто павлака, мајонез или сенф.
Во оваа епизода на "Храна за оние што имаат право да гласаат на избори" ѝ го отспапуваме тронот токму на неа, на виолетовата или што би рекле далтонистите - црвената зелка. Сите што ја следат оваа рубрика знаат дека сум "фан намбрн уан" на печена зелка. Еве ако лажам.
Овој пат повторно ќе печеме зелка, само со скроз различна техника. Печената зелка е техника која ми ја откри интернетот. На прва топка бев доста скептичен, но радозналиот мајмун во мене е посилен од глупиот и издоктриниран наоѓач на маани. Пробав и не се заебав. Ретко ми се дешава, но се исплати. Оттогаш наваму печената зелка е редовно на репертоарот. Ја формираме барем еднаш месечно. Некако фамилијарно ја бендисавме. Како снаа од добра фамилија, учена, фина и со мираз. Ќе ја гарнираме со јунешко. И тоа со контра-филе, затоа што заслужила.
Останете на брановите на Оффнет и посведочете го овој спектакл:
На плехот што најчесто иде комплет со рерната му правиме обвивка со алуминиумска фолија. Го костумираме космонаутски. Ја намаслуваме површината со зејтин и ја нанесуваме ситно сецканата зелка. Ја сецкаме на ленти. Врз неа повторно масло и многу сол. Рерната ја вклучуваме на грил опција. Зелката ја поставуваме на највисоките жлебови веднаш под грејачот. 15 минути во најмала рака.
Ја вадиме, ја превртуваме и ја враќаме назад уште десетина минути. Потоа ја вадиме по втор пат и додаваме две главици бел кромид и 3-4 моркови, исто исецкани на ленти. Уште малку зејтин и сол. Враќаме назад во рерна и печеме уште 10 до 15 минути.
Во меѓувреме спремаме дресинг: мед и вински оцет. 2 лажици од првото, 5-6 супени лажици од второто. Ја вадиме зелката и додека е врела веднаш ја дресираме. На крај додаваме свежи перца млад кромид исецкани на тенко. И нека дојде кој сака.
Месото го печеме по желба на консументот. Јас би го оставил доста розево, или мидиум, шо би рекле славните кувари шо никогаш не чистеле црева на свињокол. Плутите сами искачаат од амбалажите чим ја намирисаат оваа комбинација.
Пијте одговорно, глејте да истурате многу надвор од чашите при сипање.
Бонбон апетит!
Кирил Стоименов - Нинџа Зелка