Ви текнува ли на Фанта-Егзотик? Епа денес ќе спремаме иста таква, само наместо фанта ќе користиме зелка. Шала на страна, дури и ја шо сум спремен да пробам похован ѓон од износени панкерски ол-старки, бев малку скептичен околу овој експеримент.
И тоа поради следниве причини:
1. Кај нас зелката е мезе-светиња низ сите сезони. Максимум аксесоари што можат да ѝ се закачат се црн или црвен пипер;
2. Комбинирав сосови и додатоци од повеќе светски кујни, нормално, со претходна проверка дали и како парираат со зелка.
3. Кога почнuвам да зечам зелка, ракијата сама со шизење искача од фрижидер поради сочно-крцкавата музика, како кобра од кошница, елегантно. Но овој пат присилно требаше да ја вратам на своето место, затоа што овој тип на зелка повеќе би 'лизгал' со вотка, џин или некоја слична проѕирна алхемија.
4. Погали го дисплејот за постапката подолу:
Зелка, ја сечеме на пола, а потоа на полу-месечинки, како бостан. Ја посолуваме. Во тавче мешаме 2 лажици кари и зејтин. Бараме квалитетна окер нијанса. Темна. Нашата триста-кошулеста лепотица ја превртуваме низ оваа кари смеса, да добие пигмент како палеолитските коњи од пештерата Ласко. Не превртувај очи, гуглај па ќе видиш.
Рерната на 200 и печеме 20-30 минути. Бараме зелка со шатирани црни прамени. Сериозно, свежо потпечената зелка е фантазија, ослободува некоја рустичност која потсеќа на грилоавани печурки, буди некои скриени слатки ноти, чудо е. Само ваква е одличен додаток за со месо.
Но, не застануваме овде. Додека е врела ја оснежуваме со рендани пармезански снегулки, за да можат малку да се потстопат и залепат низ површината.
Се префрлуваме на сосот: 3-4 лажици мајонез и сок од една мандарина. Ова е исто така екстра сос за пилешко. Мешаме за да се добие кремаста структура. Нанесуваме врз парчињата зелка.
За крај, славно финишираме со неколку јатки рендани ореви, буковец и ливчиња магдонос.
Возрасни комради и комратки, напрајте нешто возбудливо, па макар тоа било и егзотична зелка.
Кирил Стоименов - цевитаминист