Рубриката ‚Храна за возрасни‘ ја отворивме со "Растргнато прасе“, онака баш каубојски, со сите салтанати, ко што си доликува за отварање. Како во нов дуќан, влеговме со десна нога и фрливме монета за зар. Христијански. Е, кога сме веќе кај верските ориентации, некаде начув дека вегните биле уствари атеисти што постат. Денес во чест на сите тревопасни хомосапиенси ќе го деконструираме тексашкиот класик од погоре во веганско издание.
А со што друго би го замениле свинското ако не со печурки?! Буковки - меснати, сочни, бојкотираат избори, благонаклонети се кон на комшијата козата, слушаат Моторхед. Ќе ги искинеме на ‚конци‘ за да добиеме слична текстура како тегленото месо и ќе ги побратимиме со барбикју сос (амерички скараџиски кечап). Од страна опасна кремаста салата за дополнително подмачкување.
Да не должиме и да не растргаме кори, имаме други ствари за растргање:
400 грама буковки vs. 2 виљушки. Со едната правиме убод на тесниот дел од печурката за да не ни мрда, а со другата ‚гребеме‘ по површината како би ја искинале на конци. Без гајле, не одзема време како шо изгледа на прва, оди брзо затоа што буковките се кревки.
Откако сите се измасакрирани, загреваме тава со масло. Јас користам грил-тава, но може во било каква. Печурките внатре на бојадисување, едно 10 минути, со постојано мешање на секоја минута за рамномерно да се обработат.
Знај: не посолуваме додека пржиме.
Солта често знае да ја избие водата од печурката, а тоа денес не ни оди во прилог. Кога сме одлучиле дека печурките ни се готови, ги частеваме сол и бибер. На крај иде сосот. Јас користам купечки барбикју сос, а рецепт за истиот имате најгоре во линкот кај прасето. Да не се повторувам. Печурките средени!
За да не бидат осамени, друштво ќе им прави една кремаста салата. Намерно велам кремаста а не крем-салата, затоа што сметам дека за крем салатата треба да биде апла мазна.
Значи: во длабок сад улетуваат ситно сецкана зелка, морков, ротквици, магдонос, 3-4 лажици сенф и исто толку павлака. Ако сте стварно православен веган, заменете ја павлаката со некои од тие вашите квази-млечни бучкуруши. Сол + бибер + оригано. И мешалицата на најјако. Оваа комбинација е одлична и како мезе и како главно јадење. Душа дава и за ракија и за пивце. Влече алкохолни алхемии како да е ноздра на Џек Николсон. Ја сервираме со перце млад кромид.
На здравје!
Кирил Стоименов - веган у наводници