Растргнато прасе

Растргнато прасе, или на црковнословенски: Pulled Pork. Специјалитет од радикалниот југ на проклета је Америка. Бисер на реднечката кујна. Паралела: знамето со Вергина и џимиринки = знамето на Конфедерацијата и растргнато прасе. Него, да им ја оставиме политиката на грозните и за момент да го замислиме фотороботот на изумителот на овој 'диш':

Средовечен хилбили, нервозен, со исфлекана бела сопруго-злоставувачка веш маица, сламка у устата, шешир со дупка како на Талични Том, танку дугачку цигару и пар мамуза од злата. Грила со сета сила, додека у позадина иде бенџо, ситен трзај. Низ хоризонтот само огнен залез, кактус како оние од Луни тјунс  и едно клопче сува метла шо бесно танцува со ветрот. Значи хаос!

Ако барате традиционален рецепт за растргнато гице, обавезно ќе наидете на фенси скари од ковано железо, со специјални пушници, термометри и слични биметални мерила шо изгледаат како интерфејс за пилоти и коштаат како гарсоњера у Виница.

Ама ништо страшно, овој деликатес може лесно да се припрема и во скромни кујнски услови без притоа да изгуби на вкус, сочност и арома. Па да ги сроламе ракавите, или кој шо има друго за ролање и на работа, на труд...

Читајте го следното со Валентин Николоски-наратив, сто пати позабавно е:

ЗА ОВОЈ РЕЦЕПТ НИ СЕ ПОТРЕБНИ:

Најчесто свинска плешка, ама и свински врат ќе крепи работа. Јас конкретно во овој случај имам парче од речиси 2 кила, ама вие можете да играте со некој посолиден капиталец, во зависност за колкава екипа го спремате. Поентата е да се собере у рерна. Месото може да е со коска, а галиба може и обескоскено.

Маринадата за тегленото свинско е вечна меѓуатлантска дебата. Америте велат едно, Европјаните друго. Ма да, и двете страни се у право. Едните ставаат јаболков оцет, другите за инат инјектираат виски, едните трупаат лук у прав, другите за инат дотрупуваат и кромид у прав. Ја сум највеќе за праз у прав, ама уште не е измислено (ако у меѓувреме измислиле, чинувајте абер).

Генерално импровизирам со рецепти и никогаш не се држам стриктно до пишани правила. Така и оваа маринада ќе ја истерам по свое. Па каже:

  • 3 лажици сол
  • 2 лажици црн пипер
  • 3-4 лажици црвен пипер
  • 2 лажици лук у прав
  • Може и буковец

Обично се става шеќер или мед, ама ја избегавам. За инат и на Америте и на Европејците! Откако ја имаме смесата, време е за лагани нуру-масажерски потези. За момент се претвараме во просечна гејша, и го утрлуваме парчето месо со нашата олмоуст-тексашка фузија од зачини. Сетне, наместо хепи-енд, парчето месо го ставаме во сад, го покриваме со најлонска фолија и го праќаме во фрижидерот да одмори два часа. Може да го оставите и преку ноќ. Ако не е тајна...

Да речеме дека маринадата е готова. Рерната ја укотвуваме на 150 степени по Целзиус, најпознатиот Швеѓанец. После Ибрахимовиќ.

Го положуваме месото да се пече. Бај-да-бук, правилото вели: на 150 степени, 2 часа за кило месо. Молим лепо. Моето парче е 2 кила, значи ќе го држам 4 часа во солариум. И после ќе ѕирнам. Некои кувари со над милион сабскрајбери сугерираат дека е пожелно на пола печење месото да се сврти. Ама па и не мора.

Во меѓувреме барбикју сосот. Нема многу да го тупам, ќе бидам брз и  концизен: тава на рингла, ужежуваме, додаваме кечап од око, мед или шеќер по вкус, малку јаболков оцет, црвен пипер. Ако сте љубител на Моторхед, може и 50-100мл виски да убаците. Да се најде пред Леми. На тивок оган, промешувате и откако ќе почнат меурите, ја тргате тавата од рингла. Честитки!

Америте по обичај тегленото прасе го сервираат со кулсла (coleslaw), крем салата од зелка, кромид и мајонез. Чудо големо. Прогуглајте, има четрстотини миљони рецепти.

Ја уместо кулсла ќе напраам морков салата со дресинг од сенф и мед, интернационално попознат како мастард-хани. Најдов моркови у повеќе бои, ама тоа е опционално. Може и само моркови со морков-боја.

Морковите ги егзекутираме низ не-баш-најситната страна од рендето. Ако сакате поразлична текстура, може да ги излупите на ленти. За оваа салата ни се потребни околу 5 моркови, средна величина. Дами, одберете сами, немој да слушате машки совети околу величината. На морковите. Сецкаме еден млад кромид на ситни тркалца. Може и магданос. За дресингот: 1 лимон, 2-3 лажици сенф, 1 лажица мед. Промешуваме и ја дресираме нашата салата. Додаваме сол по вкус.

Успат веќе можете да почнете да ја загревате атмосферата со по некоја ракија од сортата 'домача'.  Следува големото финале:

После 4 до 4 ипол часа, го вадиме нашиот каубојски специјалитет, грабаме две вилушки и се понашаме како Вега од Стрит Фајтер. Со произволни потези го распаруваме парчето месо, сè до посакуваната текстура. Потоа го додаваме барбикју сосот, дополнително промешуваме и за многу години мој народе, на Македонија, а и пошироко.

За ова јадење ни беше потребен цел ден. Ама не му висите, рерната си ја брка целата работа. Се препорачува со апокалиптични количини на алкохол. На здравје хедонисти и хедонистки. И на нон-бајнарите исто нека им е на здравје.

ваш, ама па и свој,
Кирил Стоименов

22 септември 2021 - 12:35