Си биле еднаш едни тричетарстотини грама свински врат. Живееле во фиоката од фрижидерот. Во друга фиока, пак, каде што се чува зеленчукот, си живеел еден страг праз. По сплет на околности, патиштата им се сретнале на една кујнска маса, од Икеа, 35 евра на акција. Се запознале и веднаш станале супер тандем. Но, за разлика од нивните претци, овој пат месото и празот се зарекле дека нема да завршат како обична тава со праз и месо, туку ќе дадат сè себе да бидат дел од нешто повкусно и поиновативно.
Нивниот разговор го начул еден гастербајтер, сопственик на масата од 35 евра, на акција од Икеа и решил да им ја исполнил желбата. Бидејќи гастербајтерот бил љубител на квалитетниот залак, бил убеден во тоа дека направи нешто поразлично. Така, на помош ги повикал шитаке печурките (не за друго, затоа што во моментот тие престојувале во поткровјето на фрижидерот, наместо шампињоните, лисичарата или буковката) и кората лиснато тесто. Им го шепнал планот, а овие веднаш се согласиле.
Кога им ја кажал идеата и на месото и празот тие блеснале од радост. Од толкава возбуда, месото само се исецкало на коцки, а празот на кругови. Гастербајтерот без да чека ја вклучил тавата и ринглата на средно-јак оган. Капнал малку масло (како да знаел дека ќе зарати и зејтинот ќе стане поскап од вињакот) и веднаш го пратил месото на дип-тишју третман. Го вртел од сите страни, а ова покафенувало од ќејф. Празот нестрпливо чекал да дојде на ред. После десетина минути, гастербајтерот го убацил и него.
Во тавата се случил еден кулинарски валц помеѓу флората и фауната. Верните пријатели се преплетувале меѓусебно како да се еден ентитет. Откатко празот омекнал, на ред биле печурките. Ги преставил и нив на тандемот, а овие се веднаш уклопиле. Бидејки атмосферата станувала жешка, гастербајтерот решил да ги ги освежи со 300 милилитри пилешки бујон. Користел готов купечки, наместо да раствара коцка во 300 мл. вода. Веднаш по течноста додал 3-4 лажици француски сенф, од Дижон. Турил и зачини по избор, и ги оставил пријателчињата да уживаат во пилешките џакузи-меури едно 15тина минути.
На крај ја повикал млечната убавица – павлаката, од која што позајмил 3 големи супени лажици. Добро ја промешал за да се поздрави со сите, и оставил уште 3-5 минути. Во меѓувреме одвоил една жолчка од нејзината сестра белка и ја смaтил. Ја земал лиснатата кора и лефтерно ја покрил тавата. Ги отстранил парчињата тесто кои штрчат. Откако тестото ја покрило веселата дружина како српски свадбен шатор, гастербајтерот ја офарбал површината со сматената жолчка. Одозгора прснал троа сусам и афионско семе.
Ја оптеретил рерната на двеста степени и ја пратил тавата на едно вруќо сафари. Се двоумел дали да ја држи внатре пола саат или 45 минути, па решил да ја пече ‘од око’ според бојата на кората. После четериесетина минути ја извадил. Чекал малку да се олади, а сетне отсекол парче. А од парчето... ...празот и месото во вознес му се заблагодарувале за пруженото искуство. Во знак на неизмерна благодарност, за возврат му приредиле превкусен оброк.
Гастербајтерот среќно си живеел, до крајот на флашата вино.
Кирил Стоименов, гастарбајтер