Компирот го земаме здраво за готово, или во последниве неколку години здраво за полуготово (оној замрзнатиот во кеси).
Но, ретко кој зборува за тоа како овој кулинарски револуционер од корен ги променил навиките и начинот на исхрана, особено во Европа. Сè започнува со присилната миграција на компирот од Јужна Америка во Европа од страна на шпанските конкистадори. Тие го трансформирале компирот од скромен андски андерграунд јунак во глобална мејнстрим суперѕвезда. Компирот е гастрономскиот Наполеон Бонапарт – мал, но способен за големи потфати. Тој е симбол на утеха и скромност, но и на раскош, нешто што сите слоеви на општеството можат да го разберат.
Во источно европската литературата, компирот е „лебот“ на сиромашните. За тоа време, на другата страна од Европа, францускиот фармацевт Антоан-Огист Пармантие бил толку фасциниран од компирот што организирал тематски вечери на кои сите јадења биле приготвени од компир. Луѓето го нарекувале „апостол на компирот“. 18-вековен синоним за „бренд амбасадор“ или „инфлуенсер“.
Компирот е добар дечко, па не нè одминал ни нас, Балканците. Во Македонија го имаме на секаде, но амбасадата е во Малешевијата. Планината оставила длабок печат до генетскиот код на компирот, па така тој секаде си ги бара своите Инки. Ова одлично се уштекува со приказната, бидејќи баба ми другарите на дедо ми ги викаше инки (садови низ кои најчесто алкохолот се преточува од поголеми во помали амбалажи). Скроз соодветно име за културно уметничко друштво или ансамбл.
Можам да замислам настанал денешниов рецепт: Некоја баба имала малку брашно, малку компир, малку урда, малку праз и многу волја за живот. Гледала низ двор како беснеат 5-6 внучиња. Била свесна дека за кратко време ќе дојдат гладни - со амбиси во желудникот. А баба како баба - алхемичар. Од тоа малку брашно направила тесто кое го развлекла на тенки кори. Вие може да си ги набавите од најблискиот маркет. Компирите ги исекла на најтенки кругови и празот на ситни парченца.
Ги наредила корите а врз нив ја распространила урдата. Вие наместо урда, слободно ставете младо сирење. Врз сирењето го ставила празот и зачинила со сол и бибер. Потоа спирално ги наредила и компирите. Краевите од корите кои што штрчеле, ги преклопила фино кон последниот ред компири. Врз компирот додала малку масло, сол, бибер и буковец, нарендала малку сирење и во фурна на печење.
Немаме детални информации околу температурата на фурната и колку време се печела питата, но се претпоставува дека станува збор за половина час на 200 степени.
И би пита компируша. Додека ги чекала внуците, бабата размислувала за животот. „Што е животот, ако не пита? Малку слоеви радост, малку слоеви тага, но кога ќе ги собереш заедно на купче, се претвораат во нешто што ги храни и душата и телото.“
Кирил Стоименов - Православна Инка