Риби - на она што одат мажите по недела дена, демек спорт, а они колку да не се дома и да пијат со другарите на раат, па макар тоа било и пред шатор на некоја бубрего-ликвидирачка промаја; еден од дванаесте хороскопски поводи за жените да пијат кафиња, па да си гледаат на истите, да оговораат и бараат езотерични логики у понашањето на спортистите од погоре и на крај колективно да мерат притисок.
Социјализации на ниво. Риба или сакате или не. Трето нема. Уствари има: знам такви шо јадат исклучиво лосос. По тој повод денес ќе спремам лосос на еден еко-френдли начин: ‘со задушување’, или шо би рекле селебрити куварите шо никогаш не пробале ослич - ‘ен Папилоте‘.
Омега светото тројство, на три-четири:
Печестотини грама лосос филети. Ако не можете да најдете филети, може и котлети. Парчето/парчињата ги поставуваме на хартија за печење, претходно ‘навлажнета’ со маслиново и посипана со едра сол. Врз рибата поставуваме тенки парчиња лимон, па сецкани маслинки, па шери домати па магдонос. Ако сакате дополнителен умами вкус, можете да додадете и капери. Тушираме со маслиново и џиткаме едра сол, како зимно време на патот кај Стража. Шала на страна, сол по вкус, немојте да пресолите, остајте ја шо се обидувам да бидам духовит.
Матиме едно јајце. Јајцето ќе го користиме како лепило. По рабовите на хартијата за печење на која што лежи лососот, со кујнска четка поминуваме од кајганестата течност. Откако хартијата е премачкана со нашиот живинарски-OХО лепак, истата ја преклопуваме со друго парче хартија. Како бовча за свадба. Рабовите ги ‘диплиме’ уште по еднаш, за дополнителна сигурност.
Рерната на 200 по стариот швицарски рибар - Целзиус, печеме 10-15 минути. Во меѓувреме вариме компир и откако е готов го убацуваме во микс од зелени билки: магдонос, рузмарин, мента и копар. Сол + Бибер + Маслиново = Перверзии. Гарнир ди тути гарнири!!! Лососот надвор од рерна. Ја сечеме ‘капак’ хартијата и ја сервираме рибата. Медитерански шамари за целото семејство. Месото ќе биде супер сочно, зеленчуците и лимонот омекнати.
Се препорачува со ‘Лихнида кајче груваше’ на плејлиста и многу вино од сортата ‘Вашето омилено‘.
Кирил Стоименов - Старецот, без морето