Здраво Гарфилди и Гарфилдки.
Прво, да расчистиме дека купечките кори за лазања се јуфки шо не успеале у животот. Второ, добредојдовте во овој безобразно едноставен рецепт. Едноставен, но вкусен како првото пиво после шестата ракија. Лазања. Колку повеќеслојно тоа звучи.
Стар италијански рецепт, којшто не значи ништо посебно етимолошки. Изгубив пола саат да најдам нешто интересно поврзано со името, БА-ДИ-ЈА-ЛА. Жабарите имаат посебно име и надимак за лазањата во секој регион. И секој додава и одзема зерзават. Некои велат дека ВИСТИНСКАТА е со болоњезе и рикота, други велат стај шо ти леже на срце, нема да згрешиш.
Третите, сме ние: ќе ја ‘измајмуниме’ лазањата на неконвенционален домаќински начин: наместо кори, ќе користиме палачинки (православни, не од оние америчките со целулит), наместо болоњезе сос – доматно пире + пршута, наместо рикота – бешамел. Ова може ќе ги боли Итаљаните повеќе од 0-1 у гости, ама кој ги сука!
Палачинките; се прекрстуваме со три прсти и почнуваме. Две јајца, 200 мл кисела вода, 200 мл млеко, 200 грама брашно. Еден куп двојки. Миксаме до хомогена полу-течна смеса. Тава за палачинки на најјако и печеме. Од оваа смеса искачаат 10-тина палачинки, мање-више. Сосема доволно.
Втора стаза: Бешамел! Го имам пишано рецептот во претходни рецепти, али ај да не бидам лења како мачорот од првата реченица: 100 грама путер, го топиме на тивко, и додаваме 100 грама брашно. Мешаме во каша. Кашата ја тушираме со пола литар млеко, појачуваме оганот на среден и мешаме до посакувана густина. На крај сол, бибер и ситно сецкан магданос. БешаМел Гибсон.
Ок, палачинките се оладиле. Ги сечеме произволно на ленти. Адаптирајте ја формата во однос на садот во кој ќе печете. Го покриваме дното со палачинки. Врз ова синтелонче мачкаме доматно пире, сецкаме шампињон свеж, и рендаме кашкавали и сирења во вкус и невкус. Покриваме со нов слој палачинки, а врз нив мачката бешамел и врз него пршута. КАЛОРИИ ЗА ИЗВОЗ!!! И така до врв, али да не ве чуе Коста Петров. Се извинувам ако ви се одјаде од името.
На последниот слој додаваме од сирењата и садот за печење го обвиткуваме со фолија. Алуминиумска. Олук. Печеме на 180 по другарот Целзиусовски, пола саат со фолија, пола саат без. Почитувани читатели, додека чекате да се подолади во вашата уста ќе рокаат гејзери, ќе бучат Нијагари. Нетрпеливоста ќе си го направи своето, и коефициентот дека ќе се попарете е 1.01. Ма ја нема ни у билтен веќе, да не зафаќа место џабе.
Ама знаете ли шо имаше у билтен? Италија – Македонија 0:1, точен резултат.
Кирил Стоименов – никогашен кладионичар