Мамурлии едно запаметете, сме поседеле, па ќе поофкаме. Кога сме на тема мамурлук, тука сум неприкосновен, можам дисертација да пишам. Толстоевите ‘Војна и мир’ би изгледале како брошура у однос на моите мамуристички мемоари. ‘Денот потоа’ си е приказна за себе. Целодневните себе-преиспитувања под фротирка и спуштени ролетни си имаат посебна поетична нота. Ти натежнал целиот светски велтшмерц на гради, дехидриран си како бедиун, враќаш сцени од вчера, шо сè си изел и буквално и фигуративно, рекреаираш муабети и тумачиш дали треба да се јавуваш по луѓе и да се извинуваш. Овде го будиш својот внатрешен будист, кој од душевниот амбис низ ехо ти шепоти молитва да те потсети дека сè е тоа узалуд, дека вчерашниот ТИ е веќе мртов. А за мртвите сè најдобро.
Со мало олеснување идеш на покајнички туш. Овде некаде желудникот почнува со својот штрајк. Цревата свират како коли на ‘Рекорд’ околу 4 попладне. Дигестивниот тракт ти према пуч. Чорбата е одговорот - тој камен темелник на балканското трезнење и воџа во борбата со мамурлукот. Чорбо-диверезитот во јужно-европските кујни е повеќе од одличен: од шкембе за искусни, преку пилеча, телеча, рибја па до зеленчукова за вегани, подмирени се сите табори.
Чорбата е сурогат за мир у куќа. И за душевен мир. Денес одиме класично - припремаме пилешка чорба. Богата со вкусови како политичари со неодлежани дела. Глатка и слатка. Совршенство создадено со едноставни кулинарски техники.
Да не ја должам повеќе, имаме раја за трезнење: 1 килограм пилешки батаци. Ги сместуваме во тенџере, ги прелеваме со вода, онака домаќински, скоро до врв на тенџере, за откако ќе ги отстраниме, да остане доволно течна подлога за чорбата. Ги разваруваме едно саат време, на среден оган. После еден час ги вадиме, а во тенџерето останува прекрасен пилешки бујон со сè што е круцијално од парчињата месо и од коските.
Вака разварените батаци идат на сепарација: кожа од месо, па месо од коски. Одделените парчиња месо ги сецкаме или со рака распарчуваме на најситно шо може. Ги оставаме во чекална за следните чекори. Додека батаците се варат, искористете го времето за останатите припреми. Зеленчукот, на пример. На многу ситно спаструваме кромид, морков, целер, лук и перца кромид. Може и праз, зошто не би.
Зеленчукот го праќаме на варење во пилешкиот бујон заедно со гранче рузмарин којшто шармерски ќе ја испарфемира чорбата. После 10 минути, го враќаме месото во тенџере. Посолуваме.
7-8 минути при крај на варењето додаваме и две-три шепи фиде. Или од оние ситните спиралки паста. Скроз при крај џиткаме ливчиња магдонос и целер.
Сипаме во длабок тањир и инхалираме. Слободно зачинете со вашиот омилен сос за чорба, со јаболков оцет или со лимон. Чорбата е отворена за секакви соработки. Е сеа, може да ви отвори работа, и да ве испровоцира клинот со клин да го избиете.
Clean so clean се избива, а чат пат и со overdrive.
Кирил Стоименов - никогашен фан на Чорба, бендот