Западот губи две војни истовремено

Во последно време сè поретко се читаат вести што најавуваат пресврт во војната меѓу Русија и Украина. Исто така, има и помалку објави на социјалните мрежи од Доналд Трамп со закани за неизбежно уништување на Иран. Сега, кога вревата стивна, вистинско време е да се слушне што се случува.

Не слушам вести за успешна украинска контраофанзива. Наместо тоа, слушам како тешките чизми на руските војници маршираат длабоко во оние делови од регионот Донбас во источна Украина кои Владимир Путин сè уште не ги контролира, пишува Волганг Мунчау во анализата која ја пренесуваме подолу.

Во меѓувреме, на југозападот од Арапскиот Полуостров, Хутите ја презедоа контролата врз стратешки важниот пристаништен град Мока. Градот се наоѓа веднаш северно од теснецот Баб ел-Мандеб, кој го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и Индискиот Океан. Досега, Хутите не успеаја да го попречат поморскиот сообраќај низ теснецот, како што тоа го направи Иран во Ормускиот Теснец. Но, по заземањето на Мока, тие го зазедоа и островот Перим, кој се наоѓа среде Баб ел-Мандеб, со што се најдоа во многу посилна позиција да им се закануваат на бродовите што минуваат оттаму. Ако успеат да го затворат теснецот, Иран и неговите сојузници би ги контролирале клучните поморски тесни грла на Блискиот Исток.

Тоа претставува економска опасност за Западот. Ова не е оној краток и остар шок во цената на нафтата што пазарите го очекуваа на почетокот на конфликтот со Иран. Леон Панета, кој беше директор на ЦИА за време на мандатот на претседателот Обама, сега предупредува на „вечна војна“, без какви било знаци за нејзино разрешување во една или друга насока.

Економистите и централните банкари јасно ги поделија економските последици од војната на три сценарија: базично, неповолно и тешко. Би ја опишал денешната ситуација како неповолна, со тенденција да прерасне во тешка. Цената на суровата нафта од 100 долари по барел значи повисоки цени за бензинот, дизелот, маслото за греење, керозинот и другите деривати. Острата зима би можела да доведе до недостиг на гас за греење во Германија, бидејќи резервоарите за складирање во земјата веќе се на рекордно ниско ниво. Цена на нафтата од 100 долари не е ниво на кое нашите западни економии функционираат непречено. Но, тоа е и цена на која руската економија функционира баш добро.

А нафтата е нешто што ги поврзува двете војни. Колку подолго трае војната во Иран, толку поголем е финансискиот поттик за Русија, чии главни извозни производи се нафтата и гасот. Како резултат на тоа, се појавува непожелното сценарио: САД ја губат војната против Иран, а Украина губи од Русија.

Повеќето војни не завршуваат со целосна победа или пораз. Моето главно очекување и за двете е нерешен исход проследен со хаос: некаков валкан договор според кој Иран би наплаќал за минување низ Хормуз а Трамп и неговите деловни соработници би добивале дел од заработката. За Украина нерешениот исход би била ситуација во која Русија ги задржува моментално окупираните територии и добива гаранции дека Украина ќе остане надвор од НАТО.

Од западна перспектива, веројатноста за лош исход се зголемува. Очигледен е ризикот дека и други европски земји би можеле да бидат вовлечени во војната – исто како што постои ризик од ескалација на Блискиот Исток. Двете војни би можеле да се спојат во поширок евроазиски конфликт, кој би функционирал како прокси војна меѓу САД и Кина.

Се сомневам дека општествата на Западна Европа кои стареат, имаат капацитет за долготрајна борба. Овие земји се принудени да земаат заеми за да ги исполнат целите поврзани со трошоците за одбрана. Тие исто така немаат вишок млади мажи подготвени да се борат против Русите во војна што подоцна би можела да вклучи употреба на нуклеарно и хемиско оружје. Во случај на војна, нашите огромни системи за прераспределба на богатството и приходите би морале болно да се скратат, при што милиони луѓе би западнале во моментална сиромаштија.

Затоа, полесно е да се испраќаат пари во Украина без да се испраќаат војници. Украина доби стотици милијарди евра воена и финансиска помош од Западот, но Русија сепак успеа да потроши повеќе за војната. Таа претрпе кратка рецесија претходно оваа година, но сега закрепнува, делумно и поради порастот на цената на нафтата.

И покрај своите импресивни воени капацитети, и САД не се подготвени за долга војна. Нивната слаба алка е синџирот на снабдување.

Британија има армија од 75.000 војници, сила која според зборовите на генералот сер Ричард Баронс, поранешен воен командант, би можела да „заземе само мал трговски град“. 

Јасно е дека го надминавме периодот на американско-руско зближување, обележан со самитот меѓу Трамп и Путин во Анкориџ во август лани. Во тоа време, руските елити се натпреваруваа во фалењето на Трамп. Тоа веќе не е случај. Путин делува како човек кој верува дека може да победи. Тој и претходно правел погрешни проценки, а може да го стори тоа повторно. Неговата инвазија врз Украина во февруари 2022 година беше целосен неуспех. Но, руската армија се прегрупира и Русија денес е во посилна позиција од својот противник.

Русите во моментов се толку сигурни во победата, што веќе не се ни заинтересирани за мировни преговори.

Сепак, за многумина на Западот, идејата за руска победа е сè уште премногу болна за да се размислува за неа. Ако нешто го сметаме за незамисливо, ние не размислуваме за тоа. Но, токму потценувањето на непријателот е начинот на кој се губат војните. Дури и по четири и пол години, не ја разбирам стратешката цел на западната поддршка за Украина. Не го доведувам во прашање принципот, но не гледам која точно е намерата во конкретни стратешки рамки.

Еден од ретките во Европа кој тврди дека има стратегија е Радослав Сикорски, полскиот министер за надворешни работи. Неговите зборови не ме убедуваат. Тој еднаш ја дефинираше стратегијата како исцрпување на непријателот, слично на начинот на кои Сојузниците ја поразија Германија во Првата светска војна. Но, денешната ситуација не е споредлива. Русија не се соочува со критичен недостиг на енергенси како што тоа беше случај со Германија тогаш. Идејата дека би победиле во натпревар на издржливост против Путин додека цените на нафтата се високи, делува претерано оптимистички.

Минатата недела, Сикорски во интервју изјави дека економијата на ЕУ е девет до десет пати поголема од онаа на Русија. Ова не е само погрешен статистички податок; тоа е погрешна проценка - од Наполеонски размери - на големината на Русија. Во долари, ЕУ навистина е многу поголема, но, бидејќи Русија е исклучена од пазарите на долари, тоа не е паметен начин за согледување на релативната големина. Најдобриот начин да се споредиме со земја како Русија, Кина или Иран – особено за воени цели – е преку паритетот на куповната моќ, односно вистинската вредност што се добива за вложените средства. Според тој показател, ЕУ е трипати поголема од Русија. Па сепак, ни тоа не ни ја открива целосната слика, бидејќи ЕУ троши само мал дел од својот економски учинок за помош на Украина, додека Путин троши многу повеќе.

Ни воените параметгри не нудат поповолна слика. ЕУ има 1,3 милиони активни воени лица, што е приближно исто колку и Русија. Но, во поглед на военото производство, Русија убедливо ја надминува ЕУ. На пример, Русија произведува 3,4 милиони гранати за тешки хаубици годишно, што е значително повеќе од проектираниот годишен капацитет на ЕУ од два милиони. Ова важи и за многу други категории на вооружување.

Уште во март, Трамп изјави дека Белата куќа очекува војната да трае четири или пет недели. Но, историчарите веќе биле сведоци на такви заблуди. Кога Германија ја започна Првата светска војна во август 1914 година, кајзерот Вилхелм самоуверено им рече на своите војници: „Ќе бидете дома пред да паднат лисјата од дрвјата“. Денешен еквивалент на тоа е тврдењето дека Русија и Иран лесно можат да бидат поразени бидејќи ние сме многу побогати од нив.

Суштината е дека Трамп нема стратегија за Блискиот Исток, исто како што Европејците немаат стратегија за Украина. Ние сме доволно богати и кредитно способни за да продолжиме да ѝ помагаме на Украина и да се спротивставуваме на Иран уште некое време. Но, во секој случај, тешко ми е да видам пат до победа, бидејќи не сме подготвени да ги вложиме нашите пари и нашите војници онаму каде што се нашите зборови, вели Волфганг Мунчау.

15 September 2026 - 10:02