Еве што покажуваат податоците, не од некоја сомнителна веб-страница на негатори на климатските промени, туку од Глобалниот систем за информации за шумски пожари (Global Wildfire Information System), управуван од НАСА, Европската вселенска агенција, лондонскиот Кингс колеџ и бројни национални научни институции.
Франција навистина имаше особено лоша година во однос на шумските пожари. Заклучно со 22 јули, изгореле вкупно 85.509 хектари земјиште. Во просечна година од периодот 2012–2025 година, до овој датум изгорувале по 29.046 хектари.
И Шпанија има лоша година. До 22 јули изгореле 152.634 хектари, наспроти просекот од 74.534 хектари за овој дел од годината. Сепак, Шпанија имала и полоши години: во најлошата во изминатите 13 години до средината на јули изгореле 235.000 хектари.
На ниво на цела Европа, сезоната на шумски пожари е најмалку лошата по 2012 година наваму. До 22 јули изгореле 3,6 милиони хектари, наспроти просекот од 11,3 милиони во овој период. Претходниот минимум до 22 јули изнесувал 6,7 милиони изгорени хектари.
Истото важи и за секој континент. Во Африка, во 2026 година, до 22 јули изгореле 57,8 милиони хектари, во споредба со просекот од 103,9 милиони за периодот 2012–2025 година. Во Америка изгореле 13,9 милиони хектари, а просекот е 25,9 милиони. Соодветните бројки во Азија се 19,6 милиони и 27,9 милиони хектари, а во Океанија 11,1 милион и 13,5 милиони.
Тоа покажува дека во светот што наводно гори пламените јазици всушност постепено се гаснат.

Се разбира дека статистиката не е утеха за Французите и Шпанците чии домови се на патот на огнената стихија. Ситуацијата делува уште понеобично бидејќи француските служби вообичаено се исклучително ефикасни во контролирањето и гасењето на шумските пожари. Тие брзо реагираат на терен и остануваат со часови откако ќе го изгаснат огнот, за да ги задушат сите потенцијални извори за повторно пламнување.
Иронично, доброто гаснење на пожарите може да биде дел од проблемот. Пожарите отсекогаш биле природен процес на управување со шумите. Постојат растителни видови што напредуваат само по пожар, кога конкуренцијата од другите растенија е најслаба. Кога се спречуваат малите пожари, во шумите се натрупува запалив материјал, кој ако пламне и ако ја издржи првата реакција од пожарникарите може да прерасне во исклучително голем пожар.
Токму тоа се случи во САД. Површината на изгореното земјиште нагло се намали во текот на 1940-тите и 1950-тите години, бидејќи противпожарните служби станаа поефикасни во гасењето на пожарите. Од 1980-тите години, таа површина повторно почна да расте. Затоа, кога избувнуваа пожари тие обично беа од големи размери.
Големите пожари што го загрозија Лос Анџелес во јануари 2025 година, како и оние што сега ја загрозуваат областа Бордо, се последица на едновековен дефицит на пожари, тврди Валери Труе, професорка по дендрохронологија на Универзитетот во Аризона.
Човечкиот фактор што може да се поврзе со актуелната криза во југозападна Франција не се климатските промени, туку несоодветно управување со шумите. Кога шуми редовно би се палеле контролирано или ако на друг начин се отстранува мртвото дрво што се таложи како гориво, ќе се избегнат страшни огнени стихии, како онаа што сега го загрозува регионот на Бордо.