Досега за јавноста интересни беа главно бонус пакетите кои Илон Маск ги добива за Тесла, но откако неговата компанија за ракетна технологија СпејсИкс и ВИ излезе на берза, од таму излегуваат уште посочни детали.
Пишавме дека за само еден ден се збогатил за 164,8 милијарди долари (од скокот на акциите на SpaceX) и дека само со парите што ги добил од двата дена на присуството на оваа компанија на берзата (околу 300 милијарди), тој би бил најбогатиот човек на светот.
Од протечените детали од доверливата изјава за регистрација на СпејсИкс кај Комисијата за хартии од вредност се дознава дека доколку Маск успее да воспостави колонија на Марс со најмалку 1 милион луѓе, заедно со зголемувањето на пазарната вредност на SpaceX на 7,5 трилиони долари, ќе добие 200 милиони акции.
Ќе добие и 60,4 милиони ограничени акции ако компанијата воспостави вселенски центри за податоци кои генерираат најмалку 100 теравати компјутерски капацитет.
Првичните планови на Маск беа да се направи колонија на Марс до 2050 година, со изградба на флота од 1.000 вселенски бродови и лансирање на три дневно. „И штом ќе стигнете таму“, има кажано тој, „ќе има многу работни места што ќе ве чекаат“.
НАСА има далеку поскромен план, само да ги слета првите луѓе на Марс до почетокот на 2040-тите.
Премиерот Кир Стармер најави забрана за пристап до социјални медиуми во Британија за лица помлади од 16 години. Мерката треба да биде усвоена до крајот на оваа година и да почне да се спроведува од почетокот на 2027 година.
Забраната ќе ги опфати платформите како Snapchat, TikTok, Instagram, Facebook и X. Ќе бидат изземени моделите специјализирани за образование или со содржини за деца.
Roblox, најголемата платформа за игри во Британија нема да биде забранета за деца од 8 до 12 години, но ќе бидат ограничени функции за разговор.
Владата, исто така, разгледува воведување „ноќен полициски час“ против бесконечно скролување на онлајн содржини за лица под 18 години. Повеќе детали за ова ќе бидат објавени во јули.
Четботовите со ВИ дизајнирани да симулираат сексуални врски или улоги ќе мора да наметнат забрана за пристап на малолетни лица. Голем број платформи, вклучувајќи порнографски страници, веќе се обврзани да ги спроведуваат овие проверки.
Претставници на Јутјуб, Снепчет, Фејсбук и Инстаграм оценија дека забраната нема да ја постигне целта за безбедност на тинејџерите на интернет, туку може да ги насочи кон „помалку безбедни“ платформи.
Земјоделците и жителите во долината на Рио Гранде во Тексас се интензивно изложени на хербицидот паракват, кој е забранет во 74 земји поради ризик за здравјето на луѓето. Употребата на паракватот во САД е зголемена затоа што многу плевели се отпорни на другите хербициди.
Беате Риц, епидемиолог од UCLA, открила дека луѓето кои живееле или работеле подолг период во близина на места третирани со паракват имале околу 90% поголем ризик од Паркинсонова болест.
Новите истражувања укажуваат дека честички од паракватот во небезбедни концентрации може да се прошират на површина од 50 квадратни километри.
Американската агенција за заштита на животната средина објави дека нема доволно докази за поврзаност на пациенти од Паркинсонова болест со изложеност на хербициди, но најави тестирање на состојбата во реални услови – процес што може да трае до две години.
За Паркинсоновата болест нема лек и тешка е за дијагностицирање. Ги нарушува движењето, рамнотежата, говорот, расположението и способноста на болното лице да живее самостојно.