
Замисли живееш во голем, архитектонски уникатен стан, дизајниран од еден од најценетите архитекти во светот, на една од најскапите улици во Шпанија - и за тоа да плаќаш симболична кирија, со право да останеш таму до крајот на животот.
Вака живее 70-годишната писателка Ана Виладомиу, една од двете преостанати станарки во Casa Milà, позната и како Ла Педрера, дело на Антони Гауди. Зградата се наоѓа на престижната улица Passeig de Gràcia во Барселона.
Иако често ја нарекуваат „последната станарка“, Виладомиу објаснува дека постои уште една жителка во друг дел од зградата. „Не делиме влез, лифт или скали. Се среќаваме само кога ги шетаме кучињата,“ вели таа.
Иако зградата годишно ја посетуваат околу милион туристи, неа не ѝ е ново: „Навикната сум на посетителите. Тоа е светско наследство, но за мене е дом - и така е веќе скоро 40 години,“ вели Виладомиу, за станот каде што ги има израснато двете ќерки, денес архитектки (а што друго?).

Животот во таква зграда носи и необични ситуации. „Очигледно не можам да го фрлам ѓубрето во пижами, затоа што луѓето фотографираат или ме прашуваат дали сум ‘жената што живее горе’, како да сум лик од приказна. Тоа е дел од секојдневието. Но знам дека е привилегија да се живее тука.“
Станот првично му припаѓал на нејзиниот сопруг, Фернандо Амат, сопственик на познатата дизајнерска продавница Vinçon, која затвори во 2015 година. Виладомиу се вселила таму во 1988 година. Таа има таканаречен „стар договор за кирија“ (renta antigua) - фиксна (и за денешни услови смешна) кирија со право на доживотно живеење. Ваквите договори престанале да се доделуваат во 1985 година, но сè уште ги има околу 100.000 низ Шпанија. По нејзината смрт, сопственоста ќе премине на фондацијата што управува со зградата од 2013 година.
„Кога се вселив, тука имаше живот, многу соседи,“ раскажува таа. Во тоа време зградата ја купила банка, која на повеќето станари им понудила сериозен откуп за да може да ја реновира. „Не знам зошто никогаш не ни понудија ништо. Се шегуваме дека нè оставиле како атракција, како албино горилата Снешко од зоолошката во Барселона.“
Денес, поголемиот дел од зградата е претворен во канцеларии и културни простори, каде се одржуваат концерти и настани.
Casa Milà била изградена во 1910 година по нарачка на богатиот пар Пере Мила и Росарио Сегимон. Во почетокот, зградата била дочекана со потсмев - токму поради својот необичен изглед, кој потсетувал на карпа, поради што го добила прекарот „Ла Педрера“ (каменолом).

Денес таа е дел од светското наследство на UNESCO (прогласена во 1984 година) и една од најпрепознатливите згради во градот.
Станот на Виладомиу е голем, исполнет со светлина и карактеристичните органски линии на Гауди - закривени ѕидови и балкони со железни форми што потсетуваат на природни структури. Таа вели дека нема строги ограничувања за промени во ентериерот, но никогаш не би помислила да го измени, особено што, како што вели, сè уште работи и функционира сè - дури и старите месингани прекинувачи.
Нејзиното искуство во зградата го претворила и во книга, базирана на разговори со поранешни станари. Делото, објавено на англиски како The Last Tenant, комбинира лична приказна и историски факти. „Книгата е автофикција, но сè што се однесува на Ла Педрера е вистина,“ објаснува таа.
Низ годините, низ станот поминале и познати имиња, меѓу кои Заха Хадид, поранешниот градоначалник на Барселона, Паскал Марагал и модниот дизајнер Жан Пол Готје. „Го сретнав Готје пред лифтот, со полни раце портокали. Го поканив да го види станот. Подоцна ми рече дека сум му го разубавела денот и ми испрати рози,“ раскажува таа.
Годинава се одбележуваат 100 години од смртта на Гауди, а во јуни се очекува посета на папата на Барселона за благослов на новата кула на Саграда Фамилија, неговото најпознато дело.
Во меѓувреме, Виладомиу останува како потсетник дека сè што Гауди изградил не било дизајнирано за туристи да го гледаат, туку за луѓе да го живеат.