Сум го исплашил додека ме крадеше

Извесен Хранислав Димитријевиќ го ранил лоповот додека овој го пљачкал и туку почнуваат проблемите. За Хранислав. Апашот го тужел за обид за убиство и нанесување тешки телесни повреди. Иако веќе има исплатено повеќе илјади евра за отштета, го чека ново рочиште - лоповот сега бара милионска сума за душевна болка и претрпен страв. Кој вика дека балканската правда не води сметка за обичниот човек, т.е. лопов?

Се моли МРТ да намали со чаламот

Печен анасон и лубеница (во мај!) со жолт домат мариниран со босилек; тропски ракчиња (мора ли тропски?) со прелив од ананас и папаја; димена патка и прелив од ореви и цреши; сино сирење од видот Big Woods, паеља од морска храна со школки, ракчиња (тропски?) и арборио ориз со шафран... Ова е само дел од менито кое МРТ го нарачува за свои гости од ЕБУ. Поблиску се до добивање Мишелин ѕвезда отколку до некоја ТВ награда.

Пиринска се буди

Ставаме ваков претенциозен наслов само затоа што што во соседна и европска Бугарија се шокираат и стаписуваат ако некој се произнесе за Македонец, во случајов Македонка. Пејачката Василија Петрова, своевремено учесничка во шоуто „Гласот за Бугарија“ рекла дека се чувствува како Македонка, ставила едно „ј“ во името и навивала за „радикална партија“. Проблем? Кај нас сакаат во устав да влезат, кај нив не даваат човек во срце да си влезе.

Умните зборови на оџата од Иса Бег

Со уста полна Алах, во рака оружје, во џебови кокаин.... Парампарче меѓу себе се направивте. Секоја недела некој некого убива. Треба да ги затвориме џамиите и да ви кажеме, нема џума овој петок, одете кај сакате вие од Чаир. Повеќе проповеди имаме овде отколку во Саудиска Арабија и пак џабе... емотивно порача оџата Мyарем Исмали од Иса Бег џамијата, по последното убиство во Чаир во кое настрада 35 годишен дечко а биле испукани стотици и стотици куршуми.