Десингерица има нова „точка“

Порано ги маваше тоа безпамет копиљаците кои му одат на настан со патика по глава. Сега е свртен кон кулинарство. Им става кори на глава, им крши јајца на глава и на крај им ренда кашкавал на глава. A овие тртат глава и отвораат уста. Совет: Престанете да се секирате каква планета им оставаме на младите, почнете да се секирате кому ја оставаме оваа планета. 

Џејми Оливер се одушеви од екс-Ју кујна

На Џејми Оливер и на уште неколку префинети непца од жирито на МастерШеф Австралија, Снежана Чалиќ им презентираше гозба инспирирана од кујните во бивша Југославија. Малку хрватски Медитеран со инчуни и лук, малку ајвар и сланина, малку босански благца... Жирито попаѓаа уште на првото, домашно лепче со путер. Тек да имаше маст и шарена сол.

Џирло е жив

Денес нетот е преполн со белосветски преваранти кои продаваат шашми и тракатанци. На овие простори, тој феномен, уште во аналогните доба, го промовираше Мистер Џирло, легенда на виралните продажби на апсолутно непотребна и шкарт роба. Уште го има и продава сè живо, од електрични коли и скутери (кинески), преку хит-чајот за слабеење Чанг Шланг, па до креми и чибуци со „фасцинантни“ својства.