Фино беше додека траеше

Пред некој ден пуштивме шизичка реклама за скопскиот кофи-шоп The Dude (види овде), која ја видоа бааги луѓе, баш задоволни (освен еден „зналац“ кој на Фејсбук оцени дека рекламата е предолга; му пишавме дека ќе ги замолиме да ја скратат и да му ја пратат). И баш се израдувавме дека некои работи можеби ќе тргнат на подобро. Ама... можеби и не. Се враќаме на фабричките стандарди на овдешниот - имам еден внук ептен креативен - адвертајзинг.

Хероите на Дојран

Двајца дечки, дојранчани. Бранко Караколев и Самир Патрон. Го чистат запуштениот канал за доток на вода од Ѓавато, запуштениот парк, како и сувата неискосена трева околу каналот во месноста Топлец, кај Нов Дојран. Го прават тоа самоиницијативно и доброволно, без никој да им помага. Велат дека добро би им дошло барем гориво и масло за косилката. А заслужуваат и многу повеќе. Респект.

Некој има исушени очи па не му се гледа

Како функционира системот за наводнување „капка по капка“ кај Детската улица Тоше Проески во Ново Лисиче, општина Аеродром.

Нормализација на глупоста

Ако августовските инциденти во Србија се само загревање за очекуваното есенско крешендо, ќе биде јако невесело. Двете Србии се толку замразени меѓу себе, што е нејасно како таа температура може да се спушти. Демонстрантите одеа прво по куќи на луѓе, па фатија да кршат простории на СНС. Хмм, така ли изгледа подобрата Србија? Медиумите се соодветно групирани и нема нешто што ќе им го начне наративот. Вклучително хрватските.

Стапици кон боровинките

„Видеото шо ви го пушќум е прилично актуелно уф ѓивѓилијскиут дел од интернетут последните 2-3 дена. Ако ви фате око арно, ако не, са читме коа ќи има некој друг сибеп,“ и пишува еден читател. А ни фате око. Се работи за дечко кој звучи искрено и со години поштено вади леб берејќи боровинки на Кожуф. Ама, некому тоа му пречи. Зошто? Е, ајде де?

 

Шампионите на Бијело Поље

Со голем ќеиф ве зaпознаваме со фудбалскиот клуб Е-Рома од третата црногорска лига. Препознатливи се по правење салто откако ќе се даде гол. Само што ретко даваат гол; и сезoна знае да помине а тие да не победат никого. Кога не играат за клубот, играчите главно собираат железо. Пазете сега ова: Сите се презиваат Селимовиќ, освен центарфорот кој е Ризвановиќ. А и тој е Селимовиќ само што го земал презимето од мајка му. Шам-пи-они!