Родена во 1940 во бразилската држава Бахија и порасната во Рио, Аштруд Евангелина Вејнерт се омажила за музичарот Жоао Жилберто во 1959. Во 1963 го придружувала на пат во Њујорк каде тој снимал со Стен Гец и со колегата по боса-нова линија, Антонио Карлос Жобим. На продуцентот на сесијата му требало пејачка која би ја извела „Девојката од Ипанема“ на англиски за таа да може да „запали“ кај американската публика, па Аштруд, која немала претходно искуство со пеење но се нашла при рака, била единствената која можела да го стори тоа.
Оригиналната верзија била дует со нејзиниот сопруг - Аштруд всушност и не е наведена како изведувач на плочата па оттаму и никогаш не добила надомест за авторските права за нејзино изведување. Но кога таа била реиздадена во 1964 без португалското пеење на Жоао, станала огромен хит и во Британија и во САД. Истата година година добила Греми, а Аштруд била истовремено номинирана за најдобра вокална женска изведба. Набргу таа и Жоао се развеле, па таа заминала на турнеја со Гец и неговиот бенд, искуство кое подоцна го опишала како „на моменти многу тешко“, со оглед на разделбата и одговорностите како самохрана мајка.
Има снимено повеќе соло албуми за џез етикетата Verve, соработувала со Чет Бејкер и продолжила да оди на турнеи до 2002. За жал „Девојката од Ипанема“ ќе остане нејзиниот единствен хит, иако песната повторно се појави на британските топ листи во 1984. Во 2008 доби награда за животно дело на латино наградите Греми.