Запознајте го заборавениот „руски Пруст“

Животот и делото на Јури Фелсен, кој бил убиен во Аушвиц во 1943, се актуелизира по најавите дека негов роман конечно ќе биде преведен на англиски.

Името Јури Фелсен е псевдоним на рускиот имигрант Николај Фроденштајн, роден во Санкт Петербург во 1894, кој емигрирал по Руската револуција и се населил во Париз во 1923. Во тоа време го сметале за еден од водечките руски писатели, заедно со Владимир Набоков. Но кога Франција била окупирана во Втората светска војна, неговото бегство во Швајцарија не успеало, и тој бил убиен во гасните комори на Аушвиц во февруари 1943. Неговите ракописи и писма биле загубени, веројатно уништени, а до денес делата му се речиси непознати. И во времето кога бил познат, неговата проза била оценувана како „тешка“, а тој како „писател за писатели“. Од него нема дури ни една јасна фотографија од возрасните денови. 

Во мај 2022 на англиски ќе биде објавен неговиот дебитантски роман, „Измама“, што го поттикна интересот на истражувачите за неговиот лик и дело. Преведувачот Брајан Каретник го открил ова име додека ја читал книгата на Гајто Газданов, „Книжевни професии“ од 1934, една од озлогласените полемики за состојбата на руската литература во егзил. 

Со цинизам Газданов истакнува дека руската писателска емиграција, и покрај слободата од советската тиранија, има произведено само еден вистински уметник: Владимир Набоков. Но тој веднаш се поправа и вели дека сепак постои уште барем еден автор, за кого е „речиси невозможно да се зборува“, бидејќи неговата судбина е однапред запечатена. „Тој е почесна жртва, војна на еден наспроти многумина, загубена уште пред да започне“. Тој човек според него е Фелсен. 

Каретник се заинтересирал за овој пасус, го пронашол првиот роман на Фелсен и го превел. Тој во оригинал на руски бил објавен во 1930, напишан е во форма на дневник, а се одвива во Париз помеѓу двете светски војни. Неименуваниот наратор раскажува за својата бурна љубовна врска со својата муза, Љолја. 

Книгата била секако забранета во Русија, но таа сепак му обезбедила репутација на еден од водечките млади автори. Ова се должело и на психолошкото портретирање на протагонистите, но и на убавите филозофски медитации за љубовта, уметноста и човечката природа, кои се споредувани со Пруст, Вулф или Џојс. 

До сега на англиски се преведувани само делови од текстови на Фелсен, иако неговите собрани дела биле реобјавени во Русија во 2012.   

извор

2 декември 2021 - 10:36