Биш е една од скопските легенди. Основач на Младиот отворен театар, подвижна театарска архива, доктор по филозофија, начитан светски патник кој видел многу градови а решил да живее токму во овој. Во 1989 тој објавува (лажна) кандидатура за независен градоначалник на Скопје, која иако напишана пред 28 години неодоливо потсетува на некои локално-изборни флоскули од денешнината. „За наредниот мандат се бара човек со јака душа (душевен тип!), а и партијата најави – „реформа на духот!“. „Од утре будете ме еден час порано од другите, ќе работам повеќе“. Ви текнува?
Ех, кој знае каков ќе беше градов ако некои луѓе на вистински се кандидираа, а ние исто така на вистински ги гласавме.
****
Идниот градоначалник
Љубиша Никодиновски Биш („Комунист“ од 1989)
Деновиве Скопје славеше и – ние сите со него! „Граду во кој се ракувале два света (и не само тие!) – Тебе, граду мој: пригодно одбележување и свечен концерт. И кој ти укрaде – една година слободарско живеење и растеж?!
На завесата во МНТ, кој ти закачи 194(5!)-1989 (ненамерно и од незнаење!) – наместо 4, во твојата јубилејна 45-годишнина, за историјата! Орденот „Јунак на социјалистичкиот труд“ ги краси „градите“ на сите нас – што се гордеевме со Тебе! „Граду Херој“ – за загинатите партизани и скопјани. Слава им!
„Градот е огледало на граѓаните“ – но и граѓаните се огледало на Градот. Со загубена „лична карта“, без сопствен идентитет и без своите (некогашни) белези, - догодина, Граду, прв на светот ќе зачекориш во својот 21 век, на роденденот на двемилениумското постоење!
Ќе те препознаеме ли на новата фотографија?
„Убав е мојот град, убав е во пролет кога цветаат липите“ – тогаш граѓаните ќе излезат на избори, да го изберат својот нов градоначалник, согласно со новиот Статут и станбената политика. Неофицијално е изгласано и работното место: За наредниот мандат се бара човек со „јака душа“ (душевен тип!), а и партијата најави – „реформа на духот“!
„Животот стана – театар!“ Констатирав пред два броја, од овој агол. Јас лично, да речеме, добро сум поминал низ животот – но не сум бил градоначалник! Роден сум на крстопатот кај Соборната црква (со благослов на Свети Климент, ли?), во дворот на Радио Скопје - и тука ѕиркајќи низ прозорецот се учев на чистиот говор и медиумска комуникација. Сега живеам во Градски ѕид – да е барем внатре (кинескиот!)!
„Забранет(иот) град“? Потекнувам од „голтарско“ уметничко „семејство“, своите „универзитети“ (и наук!) ги стекнав талкајќи (и играјќи!) по скопските манастири, на плоштадите и по улиците, во фабричките хали и во аулата на Филозофскиот факултет. Го сакам Скопје и од него – секогаш заминував за да му се вратам. И останав.
Објавувам – се вклучувам, како независен кандидат, во предизборната кампања за (идниот) претседател на Собранието на Скопје!
Градот за кој ќе се залагам, граѓани – ќе биде, по мерка, на скопјани! Како пред седумдесетина години „Црвената опшина“ кога ги извади портите – Собранието ќе стане проточно!
Сентименталните патувања наназад – будат спомени и сеќавања! Безимените градители на разурнатото Скопје тоа го правеа според план и, со налог. Што значи тоа (денес!) - вратете го Градот, во Центарот! Вие кои го маргинализиравте – заборавените навики на старите скопјани, „новите“ (мислам на младите) први ги вратија на корзото покрај кејот и на незаборавениот Булевар!
Спадна ли Скопје на – една улица и на гулабите (бели) посивени!
Го добивме „Скопје на дланка“ – јас сум „добар читач“!
Се чини дека Галилео Галилеј сè уште не стасал во Македонија да потврди дека „EPPUR SI MUOVE“
Од утре, будете ме еден час порано од другите. Ќе работам повеќе!
Гласате за мене(!) – гласате за Скопје!
Ајде, на здравје, Скопјеее!
Љубиша Никодиновски-Биш (далечната 1989)