Заборавената оперска пејачка Чанина Црвено Перо

Била од племето Мускоги од југозападниот дел на САД. Нејзиниот голем вокален опсег, супериорното легато, харизматичната појава и импресивниот мецосопран од неа направиле национална супер-ѕвезда. 

„Американска примадона“ е чест опис на Чанина Црвено Перо во музичките програми стари еден век. Била родена во 1882 во Оклахома од родители припадници на племињата Чироки и Мускоги, музички најталентирана од 10-те деца во семејството. Со помош на социјалната работничка и активистка Алис Робертсон на возраст од 14 години почнала да изучува музика и да добива стипендии. Додека учела во Денвер се запознала со Чарлс Кадман, композитор и пијанист кој организирал предавања за домородната американска музика кои биле придружени со нивни настапи. Од нивната соработка произлегло и либрето за операта „Жената-дрозд“, базиранo на автобиографски приказни и на тогаш актуелните проблеми на домородните Американци. Премиерата била во Метрополитен опера и ова било одлична можност не само за уметничката кариера на Црвеноперо туку и за зголемување на свесноста за домородните прашања. 

Чанина не била единствена позната музичарка со домородно потекло. Нејзини колеги биле виолончелистот Вилијам Реди, тенорот Пол Чилсон, баритонот и филмски актер Даниел Симонс и мецо-сопранот Луси Никола Пуло, позната и како принцезата Ватавасо. Сите биле воведени во професионалниот музички свет во сурова ера на владини политики на асимилација, засилени со постоечки предрасуди и расни стереотипи поврзани со домородните заедници. Сепак, помеѓу белите интелектуалци имало такви кои токму во музиката на северноамериканските Индијанци гледале основа за американски музички национализам - специфичен звук кој би можел да се натпреварува со европската оперска сцена. Она што САД можеле да го понудат како одговор на Пучини и Дворжак според нив била токму „индијанската музика“. 

Животите и делата на овие композитори и изведувачи сепак не биле предмет на детални биографии и архивирања како на некои од нивните колеги, а и онаа документација која постоела е целосно маргинализирана по Големата депресија и Втората светска војна. Дел од она што е сочувано е вклучено во изложбата „Нација на забавата“ (Entertainment nation) во Националниот музеј на американска историја, чија збирка на артефакти поврзана со различните жанрови на масовна забава брои 1,8 милиони предмети и различен вид материјали.