Една од најдобрите серии на сите времиња, „Сопранови“, се прикажувала од 1999 до 2007, раскажувајќи за сите практични и емоционални предизвици на тоа да си мафијаш, член на семејство на мафијаш или психијатар на истиот. Откако на екранот се појавува логото на ХБО, почнува најавната шпица, со Тони Сопрано како вози низ Џерси, додека во позадина оди енергичната Woke Up this Morning.
Не многу познатиот британски бенд Алабама 3 не ја напишал песната за серијата, но сепак бил инспириран од вистинска приказна за насилство и убиство. Станува збор за случајот со Сара Тортон, жртва на семејно насилство од Ворвикшир, Англија. Во 1989, Сара, како што вели и песната во која додуша не е спомната по име, се разбудила едно утро и едноставно решила да му стави крај на малтретирањето од страна на нејзиниот сопруг, кон неа и нивната мала ќерка.
Разликата е што во песната се спомнува пиштол, а таа всушност го убила мажот ѝ со неколку убоди со нож, додека тој дремел на троседот. Била обвинета за убиство во 1990, а женски групи за поддршка покренале кампања, после која таа добила можност за повторно судење и одговарала за убиство, но овој пат без предумисла. Била ослободена во 1996.
Алабама 3 ја објавиле песната во 1997. Дејвид Чејс, авторот на „Сопранови“, подготвувајќи ја премиерата на првата сезона во 1999, ја слушнал на радио. Го контактирал бендот и тие добиле само 500 долари за користење на песната. Но со понатамошните авторски права од изведување, стигнале до 400.000. Таа се појавува и во приквел-филмот „Многубројните светци на Њујарк“. Самата Тортон знае за песната и изјавила дека „многу ѝ се допаѓа“.
Генијален римејк на интрото во епизода од „Симпсонови“
Види претходно Букбокс читанка: „Се разбудив утрово: дефинитивна усна историја на Сопранови“