„Со нејзини зборови“: нова книга со дневнички записи на Ејми Вајнхаус

Изданието кое е одобрено од семејството ќе содржи и рачно напишани стихови и до сега необјавени фотографии, и ќе биде објавена две недели пред датумот кога Ејми ќе полнеше 40 години.

Издавачот Харпер и Колинс на 31 август ќе објави нова книга под наслов „Ејми Вајнхаус: со нејзини зборови“ - збирка од дневнички записи, рачно напишани стихови и фотографии на прерано починатата пејачка. 

Нејзините родители Мич и Џенис Вајнхаус, кои го напишале предговорот за книгата, изјавиле дека таа на фановите ќе им ја презентира забавната и луцидна страна на нивната ќерка. 

Сиот приход ќе биде дониран на Фондацијата Ејми Вајнхаус, со ветена минимална донација од страна на организацијата од 70.000 фунти. Од основањето во 2011 од страна на Мич Вајнхаус, хуманитарната организација поддржува ранливи групи млади луѓе преку музичка терапија и привремено сместување. 

Во 2012, една година по смртта на пејачката, Мич објави мемоар кој содржеше извадоци од неговиот сопствен дневник, како и фотографии од семејниот албум. Сиот приход отиде за Фондацијата. 

Во меѓувреме во продукциска фаза е нов биографски филм за Вајнхаус, „Бек ту блек“, во режија на Сем Тејлор-Џонсон. И покрај тоа што од него се уште нема никаков официјален материјал, фотографии објавени на Твитер од страна на папараци предизвикаа остри реакции, при што проектот беше наречен „нечувствителен“ и „експлоататорски.

28 април 2023 - 10:27