Иако новата книга одговара на некои важни прашања кои останаа енигма во „Приказната на слугинката“, Атвуд не би била врвна писателка доколку не би оставила и многу работи отворени за толкувања. Сепак, ако не сакате да знаете ништо за „Тестаменти“ пред да ја прочитате, можете да застанете со читање на текстов тука.
За сите љубопитни, ова се неколку одговори на битни моменти поврзани со книгата.
Дали Офред преживеала?
Приказната на главната хероина во претходната книга завршува со тоа што таа влегува во комбе коe ќе ја однесе „во внатрешниот мрак; или кон светлината“. Атвуд за продолжението вели: „Ќе дознаеме доволно за да знаеме дека станува збор повеќе за светлина отколку за мрак.“ Значи, да, Офред е жива во „Тестаменти“.
Од каде насловот на книгата?
Од една страна тој се должи на структурата на романот во кој има тројца наратори, но и на религиозните аспекти на Гилеад. Има врска со сведочење (на вистината) од страна на ликовите, и со тестамент во смисла на нивна последна волја.
Кои се нараторите во „Тестаменти“?
Станува збор за три жени, но Офред сепак не е една од нив. Причината зошто авторката толку долго чекала да го напише продолжението, меѓу другото, е што сфатила дека ре-креирањето на гласот на Офред би било невозможно. Оттаму за неа дознаваме преку другите ликови, на пример преку озлогласената Лидија која ги обучува жените да станат слугинки, за чија психологија овој пат дознаваме повеќе. Втората нараторка исто така ја знаеме од претходно - Агнес Џемима која е ќерка на моќен Командант, која кога умира мајка и дознава дека има вистинска мајка, која сега работи како слугинка. Трета нараторка е нова (или речиси нова), тинејџерка е, и се вика Дејзи. Излегува дека таа е можна ќерка на Офред, која на крајот од претходната книга мислеше дека можеби е бремена.
Како се вклопуваат „Тестаменти“ во ТВ серијата?
Иако се тесно поврзани, приказните се комплетно различни. Атвуд сакала да да одбегне романизација на веќе прикажаните епизоди од „Приказната на слугинката“ на кои и самата работела како консултантка на сценаристот Брус Милер, но истовремено да не создава забуни и контрадикторности. Само најопседнатите фанови ќе забележат разлика помеѓу новата книга и серијата, но генерално тие се надополнуваат.
Зошто на насловната качулката не е црвена?
За да асоцира на пролет, живот и на оптимизам.
Дали Атвуд ќе напише уште романи за Гилеад?
„Никогаш не вели никогаш“ е нејзиниот одговор, значи можеби. Значи да.