Наречена прва азиско-американска филмска ѕвезда, Ана Меј Вонг била промотор на поголемото присуство на актерките со вакво потекло во американските филмови и се застапувала за помалку стереотипни улоги за нив. На почетокот на 20 век, кога се обидувала да добие улога во Холивуд, било време на „жолтото лице“, кога белите луѓе носеле таква шминка и облека за да можат да играат азиски улоги. Истовремено тогаш важеле закони кои криминализирале меѓурасни врски и бракови.
Улогите кои ги добивала биле полни со расни предрасуди а таа била и помалку платена од белите колешки. За нејзината топ улога во „Ќерката на змејот“ била платена 6.000 долари, споредено со хонорарот на Вoрнер Оланд кој добил 12.000 долари а се појавил само во првите 23 минути од филмот. За „Шангај експрес“ Вонг повторно добила 6.000, додека Марлен Дитрих заработила 78.166 долари.
Поради расистичкиот третман во Холивуд, Вонг се преселила во Европа и глумела во англиски, француски и германски филмови. Во интервју за Лос Анѓелес Тајмс од 1933, таа изјавила дека се уморила од улогите кои ги играла во Холивуд: „Зошто на екранот Кинезот е секогаш злосторник - убиец, предавник, змија во пазува? Ние не сме такви.“
Kариерата на Вонг опфаќа 60 филмови, голем број од нив во ерата на немиот филм, а таа добила и своја ѕвезда на плочникот во Холивуд.
Програмата за монети од четврт долар на американскиот трезор прославува по пет значајни женски фигури од историјата кои ќе се појавуваат на нив секоја година помеѓу 2022 и 2025. Вонг е на петтата монета објавена оваа година. Се предвидува од неа да бидат произведени повеќе од 300 милиони парчиња. Другите четири жени оваа година беа поетесата Маја Ангелу, астронаутката Сели Рајд, политичарката Нина Отеро-Ворен и Вилма Менкилер, првата жена поглавица на Чероките.