Памук беше номиниран за почесен граѓанин на Сараево од страна на локалната издавачка куќа Бајбук, која сугерираше доделувањето да се случи при посетата на градот на Памук најавена за оваа пролет, а по повод неговото пишување сценарио за Босна во текот на војната. Според директорот на овој издавач, Дамир Узуновиќ, иако комисијата која одлучува по ова прашање првично гласала 7:0 во корист на турскиот автор, при второ гласање кандидатурата била отфрлена со 4:4.
Објаснувањето на Комисијата било дека Памук не направил ништо, или речиси ништо за градот Сараево. Освен тоа, некои членови, кои политички припаѓаат на владеачката партија СДА, процениле дека ваквата награда може да предизвика гнев кај владеачката гарнитура во Турција, па оттаму го искористиле ова како можност да му порачаат на Памук дека и тој, и сличните на него, не се добредојдени во градот.
Опозицијата во Босна остро ја критикуваше ваквата одлука. Од таму велат дека во комисијата „членуваат луѓе кои би требало да бидат градски татковци на Сараево, но наместо тоа се однесуваат како маќеи од некое ердоганско село“. Тие нагласуваат дека додека политичките превирања се привремени и минливи, но брилијантните дела на Памук ќе опостојат долго време откако актуелните политички проекти ќе бидат заборавени. Иако опозициската СДП би сакала да ја обнови кандидатурата, за процесот да почне од почеток, според неа штетата по градот некогаш познат по својата космополитска природа и отвореност е веќе направена.
Од крајот на војната од 1990-тите, Турција има инвестирано во Босна преку Турската агенција за соработка и координација 240 милиони евра за 800 проекти. Тие вклучуваат реконструкција на џамии, училишта и споменици од отоманската ера. Сараево било под турска власт повеќе од четири века, до 1878.