„Драго непознато другарче“

Писмо од омилениот писател

Румпус е онлајн списание посветено на културата, и тоа не онаа популарната, од типот „познати луѓе направени од врвки за чевли" или „ликови од Војна на ѕвездите во смешни перики". Најнова идеја на списанието е - испраќање писма (не електронски, туку во коверт, со марка и печат) на читателите од нивните омилени автори.

 

За само 5 долари месечно, секоја недела добивате писмо од различен автор, кое нема да се објави онлајн, станувајќи дел од самоселектирана група читатели, која учествува во интимната преписка. На позадината од писмото стои и повратната адреса, ако сакате да му одговорите на авторот. Oд воведувањето на услугата во јануари до сега се пријавиле над 2,000 претплатници.

Навистина, имињата на вклучените автори барем нам не ни се познати, но замислете ја ваквата можност: си отварате сандаче очекувајќи ги вообичаените сметки од ЕВН и Топлификација, а внатре наоѓате писмо, испратено специјално за вас од некој од вашите омилени македонски писатели. Или можеби примеров и не е баш најсоодветен. Кој чул македонски писател да е омилен?

Ако грешиме душа пишете ни, од кого од македонските писатели би се израдувале да добиете писмо. Ќе се обидеме да го добиеме и да ви го испратиме, па макар и електронски.

7 март 2012 - 08:09