Ново шоу на холандската телевизија повикува двајца професионални сликари и десетина аматери да се натпреваруваат во оживување на дела на мајсторот на холандското сликарство од 17 век, Јоханес Вермер.
Под наслов De Nieuwe Vermeer (Новиот Вермер), програмата е продуцирана во соработка со Ријксмусеум, каде од 10 февруари па до 4 јуни оваа година се одржува најголемата изложба на овој автор на сите времиња. Натпреварувачите треба да реконструираат што е можно поверно некое од делата на Вермер, со особен акцент на оние загубените, кои исчезнале пред повеќе векови или при кражбата од Музејот Изабела Стујарт Гарднер во 1990. Резултатите се вреднуваат од експерти за овој сликар од спомнатиот музеј, како и од Маурицуис, позната галерија на стари мајстори во Хаг.
Во Холандија „Новиот Вермер“ е сензација, со 1.3 милиони гледачи (во земја од 17 милиона) кои ја гледале првата епизода. Како и сите други успешни ТВ програми и овој до сега има инспирирано дополнителни содржини, како подкаст и онлајн галерија која ги прикажува делата на учесниците, кои работат во медиум по свој избор - од масло на платно до витражи и лего коцки. За жал сиот овој материјал е само на холандски, под претпоставка дека програмата не би наишла на интерес во други земји. Но, никогаш не се знае - и реалноста знае да се менува.