Питер Тил (Peter Thiel), основачот на Пејпал, милијардер и филантроп, вели дека веројатно најекстремниот облик на нееднаквост е оној помеѓу живите и мртвите. Секако, вложувајќи неверојатни суми за токму тој да биде меѓу првите, и тоа вечно.
Тил, Илон Маск, Цукерберг, и уште еден број слични на нив, се ексцентрични, пребогати славни личности од областа на технологијата, кои инвестираат во истражувања чија цел е продолжување на животниот век, дел од трансхуманизмот - теоријата според која човечката раса може да еволуира надминувајќи ги актуелните физички и ментални ограничувања, особено со помош на науката и на технологијата. Ултимативната цел на комбинирањето невротехнологија, вештачка интелигенција, био-медицински инженеринг и филозофија, е бесмртност. Некои сметаат дека таа може да се постигне до 2045.
Книгата „Да се биде машина“ од Марк О’Конел (март 2017) е едно вакво детално истражување на трансхуманизмот, напишано во стил на репортажа, со интервјуа со необични поединци од Силициумската долина и клубот на пребогати кои инвестираат во оваа област, и за свој ќар и за човештвото („со кого тие би останале млади ако сите умреме?“). О’Конел е скептичен набљудвач, но сепак потенцира дека ова не е едноставна приказна на ексцентрици и фрикови.
Макс Мор е директор на амерканската компанија Алкор, која во замена за 200.000 долари може да го зачува вашето (мртво) тело во течен азот додека науката не се развие до таму за да може повторно да ве оживее. Тим Канон е софтверски инженер и „биохакер“ од Питсбург, кој самиот на себе има експериментирано со импланти за телесна модификација (на пример со биометриски сензор кој ја мери неговата телесна темепратура и го испраќа податокот на неговиот мобилен), заради што медиумите го нарекуваат „киборг“. Спомнатиот Тил пак пумпа милиони во „каузата на значајно продолжување на човечкиот век, особено на својот“. Според него компјутерската моќ сè повеќе ќе биде развивана и користена на полето на биологијата, овозможувајќи да ги поправаме човечките маани на истиот начин како што бришеме вируси од компјутерска програма.
Реј Курцвејл, главниот инженер на Гугл, пие 150 апчиња дневно (главно витамини) и има предвидено дека ако доживее 120 ќе живее засекогаш, заради рапидниот пораст на знаењето во меѓувреме за тоа како да се продолжи животот на ниво на клетка. Тој е исто така пророк на „технолошкиот сингуларитет“, моментот кога вештачката интелигенција ќе доведе до спој на луѓето и на машините. Тоа ќе ни овозможи да ги надминеме ограничувањата на нашите биолошки тела и мозоци, и да се здобиеме со моќ над нашите судбини.
Секако, конкретните начини како ова би се направило и до каде е стигнато во овој поход се премногу тајни за новинари, па и за автор на ваква книга. Оттаму „Да се биде машина“ повеќе е истражување на менталниот склоп на овие „радикални оптимитсти“ кои истовремено страдаат (?) од нарцисоидни фантазии за херојство и целосна контрола. Тоа е обид да се разбере трансхуманистичкото движење без истото некритички да се велича, но со големо љубопитство за она што се случува на полето на креирање на првите „постлуѓе“. Што можеби веќе вклучува, или ќе вклучи, вбризгување млада крв (не метафорично), како во легендата за папата Инокентије Осми кој во 1492 испил крв на три здрави 10-годишни момчиња чија младост на тој начин ја пренел на себе. Но според приказната не само што умреле сите деца, туку и самиот папа: дури ни Бог не можел да му помогне.
Според анализа на Њу Стејтсмен, ваквата бесмртност дефинирана од стрејт, бели мажи, може да поттикне циклуси на опресија. Аплоудирањето на нечиј мозок во клон од самиот себе не значи дека шансата тој да дискриминира се намалува. Тил, на пример, е поддржувач на Трамп, а бивш портпарол на неговиот „тинк-тенк“, Институтот за истражување на машинска интелигенција, има објавено расистички манифест, и во интервју во 2013 има изјавено дека веќе има значајни разлики во интелигенцијата помеѓу расите. Трансхуманистичкото општество според него без сомневање ќе води кон „господарење на едни врз други на начини кои претходно не биле видени“. А не треба многу за да се сфати кој би бил господарот.
Првите надградени луѓе нема да бидат „обични“ луѓе - тоа ќе бидат оние кои веќе ги направиле „обичните“ економски ненеопходни поради автоматизација. Во некои градови и земји жителите може ќе живеат засекогаш, но во други ќе умираат од глад. Овој, и многу други сомнежи се на патот на постхуманата иднина. За некои во блиска иднина смртта ќе стане прашање на избор. За други таа ќе остане неизбежна.