Продадена е во над 40 милиони примероци, преведена на повеќе од 40 јазици меѓу кои и македонскиот. Прв пат се појавила во Германија во 1995, а нејзиниот креатор тогаш бил забен техничар. Инспирирана од приказни за викиншките подвизи, „Катан“ е ненасилна приказна во која играчи, со комбинација на среќа, преговори и малку блеф симулираат создавање населби и развој на економија.
Сите оние кои се внесуваат во играњето вакви и слични игри знаат дека во еден момент човек огладнува, а на празен стомак (читај: нервозен) не се игра. Поаѓајќи од оваа премиса, издавачот Улисис прес на 12 септември ја промовира „Катан: неофицијалниот готвач“, кој се состои од 77 рецепти инспирирани од популарната друштвена игра.
Во неа доминираат „лапни-голтни“ мезиња, што е и логично бидејќи тие не одземаат време и не ги мастат прстите па да ја направиш бербат таблата. Имињата се симболични и поврзани со играта - како Варварски ражничи или Сиренца за авантуристи, сите дизајнирани така за да можат да се јадат со една рака. Секој рецепт е придружен со колор фотографија и тривија поврзана со играта.
Има додуша и пообилни јадења кои се достојни за еден витез, како Цигла бургер или Пита со меанско пиво, а и десерти како Пиратски пудинг со рум и Хекс колачиња, во форма на шестоаголните плочки кои ја сочинуваат главната плоча на играта.
За оние со посебни прехранбени режими има и рецепти кои се вегетаријански, без глутен и вегански. Иако има и совети за подготовка на рецептите, авторите велат дека не е потребна кој знае каква вештина за тоа, освен добро планирање за ни домаќинот ни гостите да не губат од динамиката на играта. Ако во неа може да се трејдаат ресурси, тогаш веројатно може и храна - имаш парче јагнешко за една цигла бургер?
Осврт за „Катан“ тука