Лондонскиот Тејт модерн ја организира првата голема изложба на Пјер Бонар во последниве 20 години, изложувајќи на едно место 100 слики на францускиот пост-импресионист. Истовремено, музејот воведува сесии на „бавно гледање“, препорачувајќи им на посетителите да се соочат со предизвикот на небрзање, „мезење“ на уметноста која им е пред очи.
За таа цел организаторите планираат и заеднички бавни гледања на сликите, фокусирајќи се на деталите, структурата и методот на работа на овој сликар, кој е познат по користењето многу живи и светли бои. Идејата е оние кои имаат на располагање само еден час на пример, да погледнат две или три дела, а не за тоа време да ја претрчаат целата изложба.
Во 2016 истражувачи кои го мереле времето кое го минува група посетители во њујоршкиот МоМА дошле до резултат дека во просек времето на гледање на едно дело е 28.63 секунди. Сега од Тејт велат дека нема никого да брзаат, а ќе ги направат и натписите крај сликите поголеми, за тие да не мора да го прекинуваат гледањето за да одгатнат што пишува на нив.
„Бојата на меморијата“ ќе биде отворена на 24 јануари, и ќе фрли светлина на срамежливиот уметник, кој бил ценет во текот на животот, но чија репутација била во сенка на неговите современици.
Претходно: Бавна мисла: манифест