Lo and Behold: Reveries of the Connected World (нешто како „Пази сега!: соништа за поврзан свет“), премиерно беше прикажан на овогoдишниот Санденс. Тој вклучува архивски снимки од почетоците на интернет и интервјуа со технолошки пионери, како Кевин Митник, кој во контроверзен процес во 1995 беше осуден на пет години затвор за компјутерски криминал, како и со Елон Маск, ко-основачот на компанијата Тесла.
Но многу поинтересни од овие интервјуа се изјавите на „обични" луѓе кои се преплашени од интернет. Во еден пример, мајка која почнала да добива слики од пресечена глава на нејзината ќерка откако таа починала во сообраќајка го нарекува интернет „манифестација на антихристот". Терапевт кој лечи зависност од интернет го споредува неговото користење, особено за гејминг, со дрога со потенцијално убиствени нуспојави. Заедница научници го опишува како суштество кое мисли и чувствува, а други пак како куп коцки, врз којшто балансира во моментот нашата цивилизација, а кој секој момент може да се сруши.
Она што му го замераат на филмот е дека тој премногу бргу скока од тема на тема и од соговорник на соговорник, како и тоа дека Херцог очигледно не е човекот кој ја познава темата за којашто станува збор. Сепак, и покрај тоа што не се разбира во деталите, тој успева да го сфати и претстави интернет како нешто што на почетокот требало да биде само уште една човечка алатка, а полека станува негов господар.
Таквиот притисок малкумина успеваат да го одбегнат. Но има надеж - Грин Бенк, мал град во Западна Вирџинија каде е лоциран голем телескоп. Заради негово непречено работење тука не допираат ниту радио бранови, ниту сигнали за мобилен. Забранети се дури и микробранови печки. Токму ваквата ситуација е идеална за одреден број мажи и жени кои тврдат дека се чувствителни на радио сигнали, па тие го одбрале ова место за постојано живеалиште. Во филмот се прикажани како свират бенџо, седејќи околу технологијата од која и почнал долгиот пат на човекот до денешните пронајдоци - оганот.
За сите останати - ене го кај е Мариово.