На Блумсдеј: „Старата слатка љубовна песна“ од „Улис“ и нејзината симболика

Денес е Блумсдеј – денот кога светот му оддава почит на Џејмс Џојс и неговото ремек-дело „Улис“, роман што важи за еден од најголемите уметнички достигнувања на 20 век. Настаните во него се одвиваат во текот на еден единствен ден - 16 јуни 1904 година, во Даблин, а главниот лик е Леополд Блум, за кого една посебна, стара песна има големо значење.

Денес, 16.06., по повод Блумсдеј, весникот Ајриш Индипендент објави eксклузивна фотографија од насловната страница на нотен запис на клучната тема во „Улис“ – љубовната песна „Love’s Old Sweet Song“ (Старата слатка љубовна песна), чиј текст и мелодија ја следат приказната на главниот лик Леополд Блум, но чија приказна е уште поинтересна ако се знае дека спомнатиот запис е пронајден во остатоците од Титаник.

Блум минува низ болен внатрешен процес додека се сомнева (и всушност знае) дека неговата сопруга, пејачката Моли Блум, ќе има љубовна средба со менаџерот Блејзес Бојлан. Моли му кажува дека треба да ја пее спомнатата песна на концерт во Белфаст, а Бојлан ќе дојде кај нив дома за да ја договорат програмата. Но Блум е свесен дека во 16:00 часот, токму кога Бојлан ќе пристигне, ќе се случи прељубата. Тој талка низ улиците на Даблин, потиснувајќи ги болните чувства и избегнувајќи да се врати дома.

Кога конечно се враќа во нивниот дом на улицата Еклс број 7, Блум го затекнува пијаното со отворена партитура од песната на последната страница. Пијаното било поместено од Моли и Бојлан, и кога Блум влегува во собата, се удира во него - физичка болка што го надополнува неговото емоционално страдање. Симболиката на песната - старата, слатка љубов што сè уште трае и покрај сè - е во контраст со предавството кое тој го доживува.

Но оваа песна добива и вистински историски слој значење преку една трогателна приказна поврзана со Титаник. Имено, нотен запис со истата песна бил пронајден во патнички сандак што лежел на дното на Атлантикот уште од потонувањето на Титаник во 1912 година. Сандакот формално бил регистриран на 25-годишниот Хенри Сутхол, патник од трета класа кој загинал во трагедијата, но всушност му припаѓал на неговиот пријател Хауард Ирвин со кого до одреден момент биле на бродот. Кога Ирвин бил задржан во Англија, Сутхол се качил сам на Титаник, носејќи го сандакот на пријателот како услуга. Во него, покрај музиката, имало и љубовни писма испратени до Ирвин од 21-годишната Перл Шатл – пејачка, многу слична на фиктивната Моли Блум. Перл починала од пневмонија во октомври 1911 година, така што писмата и нотите останале единствена трага од нивната љубов.

Сандакот бил извлечен од остатоците на Титаник во 1993 година од компанијата РМС Титаник инк., која во Франција спровела процес на реставрација. Распаднатите документи биле потопени во електролитски бањи, процес што траел долго, но на крајот документи како музичката партитура повторно добиле форма – како фотографии што се развиваат од негатив. Подоцна, документите биле и криогено сочувани, како дел од поголема мисија на реставрација на над 5.000 артефакти од Титаник, со намера да се зачуваат за идните генерации.

Интересно е што нотите од песната никогаш не биле изложени јавно. Денес се чуваат во анонимен магацин во Атланта, Џорџија. Истовремено, иако Сутхол загинал, неговиот пријател Ирвин ја преживеал катастрофата, но останал без Перл и без можност за збогување.

Џејмс Џојс, за кого трагедијата на Титаник била релевантна за неговата уметничка визија, го споменува потонувањето неколку пати, споредувајќи го со бродоломот на јунакот Одисеј од античката Одисеја. Но, и покрај своето интересирање за Америка, Џојс никогаш не се качил на брод, бидејќи наводно се плашел токму од бродолом.

Денес, во чест на романот и неговите длабоки теми – љубов, загуба, меморија, неверство и траума – обожавателите на Џојс низ целиот свет ќе ја пеат „Love’s Old Sweet Song“ во рамките на Блумсдеј манифестации што се одржуваат во повеќе од 60 земји.

Еве ја убавата и слатка песна:

 

16 јуни 2025 - 11:36