Но ако за момент се ослободите од заљубеноста во претходните ликови и актери, и ѝ дадете шанса, серијата изгледа дека сè уште содржи доволно јадици за да ве држи пред монитор. За Колин Фарел и Винс Вон да нè освојат ќе им треба уште некоја епизода, но музиката веќе го стори тоа. Т. Боун Барнет е сè уште музички уредник на серијата, и тој на местото на Far From Any Road од првата сезона, на шпицата го става - Коен.
Nеvermind е од албумот Popular Problems од 2014 чиј рефрен звучи како нихилистичка мантра. Можеби токму тоа, комбинирано со благо зарипнатиот глас на Коен, била добитната комбинација за насловна песна на шоу, чија претходна сезона беше полна со мрачна, и на моменти окултистичка атмосфера.
I had to leave
My life behind
I had a name
But never mind
Коен ја има објавено песната, само со стихови, во 2005, на неговиот сајт, за таа подоцна да се појави во долго очекуваната Book of Longing (2006), прва по неговата претходна збирка од 1984. Во книгата насловот се состои од два збора, но во пеената верзија тие се споени во еден, што со оглед на вниманието кое го посветува Коен на дури и најмалите јазични нијанси сигурно не е случајно, и можеби има врска со претходно спомнатиот ритам на хипнотичко изговарање на фразата (нешто како разликата помеѓу „нема врска" и „немаврска").
Нејзиното присуство и во новата сезона (иако скратена и без женскиот вокал кој пее на арапски во оригиналот) веднаш се толкуваше како потврда за наследената атмосфера на бесмисла, нелинеарност и генерална мрачност од првата. Па сепак, нејзиното вистинско значење е далеку од нихилистичко. Песната е меѓу првите дела на Коен по неговите пет години минати како зен монах (додуша како што сме чуле со чести паузи и пристап до интернет), кое зборува за ослободувањето на јаството и неприврзувањето кон материјалниот свет, во кој дури и нештата кои се викаат „Љубов" и „Вера" се всушност чувства на индиферентност. Она што преживува е вон материјалниот свет, но и вон јазикот, кој не успева да ја дофати суштината на она што се именува.
Names so deep
and Names so true
They're lost to me
And dead to you
There is no need
That this survive
There's truth that lives
And truth that dies
Never mind
Never mind
I live the life
I left behind
Освен оваа на Коен серијата содржи и оригинална музика - песната којашто се слуша во првиот трејлер „Единственото нешто за кое вреди да се бориш" е изведена од нова пејачка надеж откриена од Т. Боун, Лера Лин, а е напишана од Розен Кеш (ќерката на Џони), специјално за шоуто. Тука и една убава од крајот на првата епизода, изведена од самата Лин, „Мојот најмалку омилен живот", која одлично го завршува кругот почнат со Nevermind на шпицата. Можеби втората сезона и нема да биде толку лоша колку што мислевме?