Во 2012 пишувавме за изложба во Музејот на современа уметност во Сиднеј во која можевте да влезете само како од мајка родени. И неа да ја разгледувате со авторот, исто така гол.
Сега во Палатата Токио во Париз, институција посветена на современата уметност, ќе биде овозможен прв настан од ваков тип во Франција. На 5 мај во неа ќе можат да влезат сите оние кои се пријавиле за целодневна прошетка низ музејските изложби, организирана преку Здружението на нудистите на Париз. Влезот ќе биде бесплатен за сите кои во гардеробата ќе ја остават својата облека.
Постот со најава за настанот го виделе 1.979,641 луѓе, а 21.867 се регистрирале за посетата, што значи дека листата на чекање е долга. На пријавените дури и не им била важна содржината на изложбите, туку симболичкиот чин на шетање гол низ музеј (кој колку што сфативме не прокиснува и ќе биде доволно загреан за ваков настан).
Натуристичкото движење во главниот град на Франција зема замав откако во последниве месеци се отвори првата нудистичка зона во „градот на светлината“, во неговиот источен дел. Потоа се случи отварање на првиот нудистички ресторан. Се проценува дека во Париз има 2.6 милиони нудисти (колку цела Македонија!), па очигледно има и побарувачка за вакви настани.