Машина за чукање која претвора реченици во звук

Додека технолошкиот напредок незапирливо влече на една страна, ретро ентузијасти се обидуваат да искажат почит кон старите направи, со тоа што ги спојуваат со новото и ги пренаменуваат. Ова е една таква машина за пишување, претворена во музичка кутија. 

Пред некое време пишувавме за апликацијата за чукање на машина на Том Хенкс. Набргу потоа таа стигна до првото место на АppStore (добивме дури и благодарница).

Една од нејзините карактеристики е што дур пишувате таа може да симулира и соодветни звуци, кои потсетуваат на оние вистинските кои ги испушта машината за чукање. Но замислете како што спрегата помеѓу типките и ваљакот можат да создадат еден цел аналоген оркестар, така и она што е напишано на неа да може да биде преведено во звук.

D.O.R.T.H.E е машина која го овозможува тоа, а претставува систем направен од стара, фрлена електроника, која неговите автори, Ласе Мунк и Сорен Андреасен од Данска ги наоѓале по отпади. Со комбинирање на делови од стари апарати - скенер, печатар, радио, касетофон и машина за чукање - тие успеале за само 300 долари да направат електронска музичка кутија, која секоја буква напишана на машината ја преведува, преку соодветен софтвер, во стакато („скокачка") музичка секвенца. Постои и музичка илустрација за одредени зборови, како „радост", „страв" и „непријатност". Ова оттаму претставува еден вид семантичка музика, во која знаците стануваат звуци, но и звуците претставуваат конкретен знак, од репертоарот на оние кои ги содржи машината за чукање.

Видео кое го прикажува процесот - не дека е некоја музика, но интересно е како проект од областа на рециклирањето, на зборови во музика, и на електроника во инструменти

20 август 2014 - 14:42