Пред отприлика 6 години Дешнер посетил пријател кој живеел на село и во дворот имал една од оние големи коцки сол, кои се користат за прихранување на добитокот и дивечот. „После неколку пива коцкава почна да личи сè повеќе на уметност. Би можела по една таква да стои пред која и да било државна институција, и да ја краси", изјавил тој.
Наскоро сфатиле дека коцките сол стануваат уште поинтересни кога добитокот ќе почне да ги лиже. Така се родила идејата за „уметничко-лижачки натпревар" кој веќе прераснува во традиција. Принципот е фармерите да донесат колку што е можно поинтересни форми на излижани блокови сол, на кои им ставаат наслов, а го наведуваат и името на „авторот" на делото и неговата раса. Некои животни ги лижат скулптурите така што тие личат на фосилни остатоци од праисторија, други прават форми кои личат на песочни формации кои можете да ги видите по кањоните.
И покрај хумористичниот тон на акцијата, таа има и сериозна страна: делата ќе се продаваат а парите ќе бидат доделени за поддршка на истражувањата во врска со Паркинсоновата болест, од која страда и самиот Дешнер. На досегашните аукции се собрани повеќе од 30,000 долари, а самите тие се претвораат во големи журки на кои каубојци излезени ко од филм, со нивните шешири, ласоа и лепешки од крави по чизмите се забавуваат и продаваат органски создадена уметност.