Прва асоцијација на судење на вештерки е Салем во колонијален Масачусетс, САД, од крајот на 17 век. Но вакви прогони на жени обвинети за црна магија имало и низ Европа, и тоа во средини кои поретко се поврзуваат со оваа тема, како Скандинавија.
Во декември 1617 во изолираното норвешко рибарско село Вардо, се случила огромна бура кога потонале голем број кајчиња и се удавиле 40 мажи. Ова веднаш било поврзано со вештерски сили и поттикнало најголема серија судења за соработка со „нечесните сили“ во скандинавската историја.
Една од уапсените жени се викала Елза Кнутсдатер, за која соседите изјавиле дека била видена како комуницира со демони во форма на црни мачки и кучиња, најверојатно нејзини „колешки“ по црна магија. Измачувана, Кнутсдатер признала дека таа и нејзината дружина ја предизвикале бурата со тоа што врзале рибарско јаже три пати и плукнале врз него, а потоа го одврзале за да ги одврзат ветриштата. Ова била традиционална магиска практика за која таа или знаела од претходно или пак ѝ била наметната како изјава од нејзините испрашувачи.
Како главна на дружината била идентификувана извесна Кирсти Сорендсдатер, туѓинка омажена за богат трговец. И таа признала сè под тортура и била запалена на 27 април 1621. Околу тој датум биле запалени или погубени на друг начин вкупно 91 лице, речиси сите жени. Во 2011 бил откриен споменик во Вардо (фотографија горе) кој го комеморира овој настан, изработен од уметниците Луиз Буржоа и Питер Зумтор.