Обновливата енергија во моментов е на необичен крстопат. Од една страна, таа е потребна за да се превенира понатамошно глобално загревање, а освен тоа енергијата добиена од сонцето и од ветерот е прилично евтина. Но досегашните поддржувачи на оваа идеја пред претстојната зима ќе треба да бидат подготвени на ментално салто назад - да се вратат на фосилните горива, меѓу кои и јагленот, поради новонастанатата ситуација со недостатокот на енергенси, односно на протокот на гас од Русија кон голем дел од остатокот од светот.
За ова некако ментално да се оправда, почнаа да излегуваат необични текстови, дури и во престижни списанија, кои зборуваат за тоа дека чистите енергенси не биле - естетски! „Застапниците на чистата енергија често не ја сакаат естетиката на новата технологија. Немаат ништо против да постојат соларни панели и ветерници, ама да не им се пред очи. Голем број здруженија на сопственици на куќи одбиваат нивните кираџии да инсталираат фотоволтаици“, пишува во тазе текст објавен во Смитсонијан магазин, кој носи датум од август 2022.
Точно е дека видливоста на технологијата која обезбедува енергија сега е многу поголема во споредба со неколку далеководи и бандери како што беше во минатото. Но отпорот кон воведување нови извори на енергија, од какви и да е причини, па и естетски, не е ништо ново. Во истиот текст се наведува кратка историја на односот на САД кон еден нов енергенс кој се појавил во средината на 19 век - јагленот.
До почетокот на 1800-тите Американците гореле многу малку јаглен. Земјата била покриена со густи шуми, а дрвото било евтино. Повеќето куќи го користеле за затоплување. Немало голем број фабрики на кои им била потребна сериозна енергија, а јагленот го користеле само посебни занаети, на пример ковачите, на кои им требала висока температура за нивната работа.
Но како што градовите почнале да растат, така почнала да расте и потребата за енергија. Сечењето на дрвата поради проширување на населбите значело дека она огревното станало ретко и скапо. Во 1744 Бенџамин Френклин вака им се обратил на своите сограѓани од Филадефија: „Дрвото кое во минатите 100 години беше на сечиј праг, сега ќе мора да се набавува од оддалечени градови и станува висока ставка на трошок за семејствата“. Јохан Давид Шопф, германски ботаничар кој патувал низ Америка во текот и по Револуцијата, стравувал дека сето тоа горење „на американските внуци нема да им остави ни едно стебло на кое ќе може да се закачи чајник“.
Истовремено со наближувањето на голема енергетска криза, Америка лежела на огромни купишта јаглен, особено во Пенсилванија богата со антрацит, кој бил идеален за горење бидејќи не произведувал толку чад колку други видови јаглен. Компаниите, визионерски насетувајќи ја растечката потреба, почнале амбициозно да го копаат, истовремено градејќи канали и железнички линии за да го дистрибуираат.
Но убедувањето на Американците да го користат ова ново гориво се покажало потешко. Пред порастот на бројот на фабрики, негови главни потрошувачи биле домаќинствата. Трговците морале буквално да одат од куќа до куќа и да ги убедат жителите да се префрлат од дрво на јаглен.
Една пречка била технолошка, а тоа е дека горењето јаглен подразбирало метални печки, кои биле скапи и ретки. Но посложената пречка била културолошка: голем број луѓе ја мразеле стетиката на печките, бидејќи тие биле затворени, што значи дека не можел да се види пламенот онака како што можело со традиционалното огниште. Во статии и говори, значајни фигури од јавниот живот протестирале, прогласувајќи ги овие печки за неамерикански.
Во својот есеј од 1864, авторката на „Колибата на чичо Том“, Хариет Бичер Стоув, напишала: „Дали нашите револуционерни татковци одеа босоноги и крвави по снег за да промовираат затворени печки? Верувам дека не“. Аргумент било и тоа што храната во печки била печена, а не динстана или варена, и тоа го навредувало американскиот вкус. Тие биле нарекувани „тајни трујачи“, полоши од „ропството, тутунот или патентираните лекарства“.
Јагленот бил обвинуван и за куп други нешта: влошен вид, нарушени нерви, ќелавост и паѓање на забите. Секако, мирисот што го испуштал не бил пријатен како оној од дрво, а оставал и гар кој кога ќе се разлетал влегувал директно во белите дробови.
Но рудниците и железницата почнала голема рекламна кампања. Организирале демонстрации на печките по хотели, пред елитата, која пак се однесувала како денешните Инстаграм инфлуенсери, проповедајќи ги добрите страни на антрацитот и промовирајќи го јагленот како „гориво на модерните“. Секако ова имало врска со фактот што инвеститорите во рудниците и железниците (значи богатите) и самите имале интерес јагленот да биде прифатен. Помогнале и владите, кои спонзорирале истражувања за да поттикнат доверба кај инвеститорите. Со текот на времето и самата технологија се подобрила, исто како и дизајнот на печките. Некои од нив имале биста на Џорџ Вашингтон на врвот, а биле примани и посебни нарачки.
Веќе во 1860-тите Американците конечно и рапидно преминале на јаглен. Сега тој бил поевтин од дрвото, особено ако се купел лете во поголема количина. Локалните јагленопродавачи станале несакани личности помеѓу ниската класа, и биле исмевани во песни и приказни поради наводната алчност. Сепак, до крајот на 19 век, јагленот можел да ја прогласи својата победа, особено во големите градови.