Жирито како најгрд го одбрал 42-годишниот Мисон Сере, наведувајќи ги како аргумент бројните скршени предни заби и големиот опсег на „гротескни фацијални изрази“ (читај: глупи фаци) кои тој може да ги направи. Но поддржувачите на претходен победник, кој ја држи титулата од 2012, Вилијам Масвину, физички го нападнале жирито, велејќи дека одлуката не е фер, бидејќи не се базира на природна грдост, туку на само неколку заби во отсуство.
„Јас сум природно грд. Тој не е. Тој е грд само кога ќе ја отвори устата", тврдел Масвину, повикувајќи се на правилата на натпреварот кои фаворизираат природност, а не хендикеп или однесување кое ја зголемува грдоста.
Ваквиот тип на настани може да се толкуваат пародично (исмевање на мејнстрим изборите за Мис и Мистер), но и како едукативни, во смисла на свртување внимание кон стигмата со која живеат грдите луѓе.
Токму тоа го прави и една позната агенција за модели, Ugly Models од Лондон, воспоставена уште во 1969.
„Ги сакаме нашите жени дебели, а нашите мажи необични, ги сакаме екстремно високите и шокантно малите. Никој не е премногу апстрактен за нашите каталози. Ние сме Грди. И ние сме водачи во карактерно манекенство".
Агенцијата нуди широк опсег на повеќе од 1000 модели меѓу 18-100 години, од трансексуалци до баби, од моторџии до луѓе што влегле во Гинис по бројот на пирсови или по тоа што се џинови. Запознајте ги во ова видео, како изгледа кастинг и фото-сесија со вакви модели - сосема исто како и со какви и да е други, само со овие е многу позабавно и, да, покарактерно.
Примерите како овие покажуваат не само дека секоја естетичка дискусија за природата на убавото не може да помине без неговиот контрапункт - грдото - туку и дека самото грдо може да има елементи на макар и бизарна привлечност.