Секоја есен, Викторијанците ги преплавувале шумите за да собираат папрат. Од средината на 19 век, до крајот на владеењето на кралицата Викторија, птеридоманијата (папрат-манија) ги имало зафатено Англичаните од обете страни на Атлантикот. Речиси секоја куќа имала посадено растение од овој вид. Оние кои можеле тоа да си го дозволат, одгледувале ретки примероци и под стаклени ѕвона или во оранжерии, за да не се случи тие да замрзнат или да се оштетат. За подобро чување биле правени и минијатурни „оранжерии“ (Wardian Cases), создадени за да имитираат совршени услови за раст, но и да бидат убави за око.
Имало книги за папрат, посебни здруженија, а цвеќарите во своите аранжмани секогаш вклучувале и вакво зеленило. Неговото собирање станало омилена занимација во слободното време, но и сериозна професија која на многумина им овозможувала барем сезонска заработка.
Во 1922, поранешниот викторијански собирач на папрат Густав Томен, ги споделил своите носталгични спомени за тој период со списанието American Fern Journal, кое било основано во текот на кулминацијата на птеридоманијата. Тој се сеќава како од јули до октомври, во Нова Англија (САД) рано наутро оделе во шума, каде имало милиони папрати, и едноставно береле колку што можеле да носат. Побарувачката била толку голема што формирале групи и со себе носеле асистенти и пикник кошници, често пати останувајќи во шумата до доцна во ноќта. Секој собирач внимавал и на бројката во „букетите“ - 50-100 кои потоа се врзувале и се ставале на куп, внимавајќи да не се оштетат. На пролет и во лето папратта ја продавале директно, но на есен ја складирале за зимскиот пазар, со посебни услови на чување.
До моментот кога е објавено ова интервју со Томен, птеридоманијата веќе спласнала. Берењето го вршеле комерцијални собирачи, но сега со помало внимание кон начинот на складирање, што правело 75% од собраното да скапе. Едноставно, на располагање имало и други зеленила, папратот веќе станал досаден, па тие се свртиле кон новите варијанти. Донекаде и добро за растението, бидејќи масовното берење довело до значајно намалување, особено кај поретките видови.