Хуманитарно пред Божик

Kнига со приказни за големи деца од Ник Кејв, Том Вејтс и Бон Ајвер

„Приказни за начини и средства“ (Stories for Ways and Means) не е баш типична сликовница. Со оглед на тоа кој ја пишувал, тука има и чудни слики, и „мрсни“ зборови, и откачени приказни. Ама приходот од продажбата оди кај деца на кои им треба помош.

Том Вејтс, Ник Кејв, Бон Ајвер, Френсис Блек од Пиксис, и уште дваесетина други, се автори на книгата поттикната од Џеф Антеби, основач на дискографската компанија Ваксплојтејшн. Тој последниве 10 години собирал прилози од музичари и уметници-илустратори за да направи „книжевен микстејп“, составен од приказни за пораснати деца.

Книгата ќе биде придружена и од серија кратки филмови, чии наратори, меѓу другите, ќе бидат Дени Девито, Зак Галифијанакис и Ник Оферман. Приходот од продажбата ќе оди за две хуманитарни организации, „Соба за читање“ и „Моливи за ветување“, кои се обидуваат да изградат училишта во сиромашни региони во светот, и да ја промовираат писменоста и читањето.

„Приказни за начини и средства“ е отпечатена во ограничен тираж, обичното издание (во тврд повез) се продава за 98 долари, а 100 примероци со автограм од музичарите се продава за 500 долари.

Подолу е трејлерот, а ако ви прави мерак можете да ја нарачате тука

 

2 декември 2016 - 08:35