Националниот центар за комедија, кој треба да се отвори следната година во Џејмстаун, Њујорк, ќе вклучува и клуб во кој свои стенд-ап настапи ќе имаат и одамна починати артисти.
Том Бенсон, директорот на Центарот, го опишува проектот како клуб во кој луѓето ќе можат да се вратат во времето и да бидат сведоци на класични настапи, исто како да се присутни на местото на кое тие некогаш биле изведувани, во Холивуд, во Медисон сквер гарден или на која и да е друга сцена во светот.
Виртуелните комичари ќе ги креира компанијата Hologram USA, истата која веќе има направено или работи на слични претстави на Бади Холи, Либерачи, Џулијан Асанж и Џими Кимел.
Засега клубот планира да „ангажира" неколку комичари, меѓу кои Боб Хоуп и Џорџ Карлин, иако финалниот список зависи и од договорот со нивните семејства. Премиерата се планира на 1 август, а Џејмстаун веќе е асоцијација на комедијата бидејќи е родно место на Лусил Бол, и во него секој јули се одржува фестивал посветен на хуморот.