Кинеската поема со бесконечно многу варијанти која може да се чита во сите правци

Дело на генијална авторка, „Ѕвездениот мерач“ е истовремено и графичка поема и експериментален текст кој може да се чита во различни правци, со илјадници варијанти. Веројатно никогаш нема да дочекаме да биде преведена целосно - на англиски постојат само делумни обиди кои изгледаат како кодирани пораки од вселената. 

„Ѕвезден мерач“ е необична кинеска поема од 4 век, напишана од авторката Су Хуи во периодот на Шеснаесетте кралства (304-439 година). Таа претставува мрежа од 841 знак и може да се чита во сите насоки – напред и наназад, хоризонтално, вертикално и дијагонално, па дури и по кружна линија долж надворешниот раб. Во средиштето се наоѓа знакот „срце/ум“, што симболично го поврзува целиот текст.

Се смета дека поемата може да се прочита на илјадници различни начини, а некои дури тврдат дека, поради повеќезначноста на кинеските знаци, бројот на вградени „мали поеми“ е бесконечен. Дополнително, и покрај сложената структура, текстот е римуван. Како и кај многу дела стари повеќе од 1.500 години, приказната за нејзиното настанување е обвиена со легенди, па тешко е да се одвои историскиот факт од митот.

Според најпознатата верзија на приказната, Су Хуи се омажила млада за државен службеник и живееле среќно, сè додека тој не фатил љубовница. Навредена и повредена, таа одбила да го следи кога бил испратен на далечна служба, а тој заминал со новата партнерка. Во обид да го врати, Су Хуи ја напишала поемата и му ја испратила. Легендата вели дека, откако ја прочитал, тој веднаш ја напуштил љубовницата и се вратил кај сопругата.

Со текот на вековите, ликот на Су Хуи бил прикажуван различно – некогаш како тажна и копнежлива сопруга, некогаш како загрижена жена што го чека мажот од војна, а подоцна и како љубоморна сопруга што се натпреварува за љубовта на својот маж. Каква и да била нејзината вистинска личност, нејзиниот поетски гениј не се доведува во прашање.

Поемата била првично обоена со различни бои за да му помогне на читателот да се движи низ текстот. Во еден дел, редоследите од седум знаци можат да се комбинираат во четиристишја, создавајќи илјадници можни поеми. Во други делови, структурата се менува, но едно правило останува исто: втората линија во секој двостих мора да се римува. Преводите покажуваат дека читањето во различна насока може драстично да го промени значењето, создавајќи нови слики и чувства од истите знаци.

Иако би биле потребни цели книги за целосно да се истражи ова дело, суштината на „Ѕвездениот мерач“ не е во точниот број на можни поеми, туку во чувството на вртоглавица и восхит што го доживува читателот пред отвореното, бескрајно значење што постојано се разгранува. Истовремено, Су се смета за иноватор на жанрот „палиндромска поезија“, која е речиси невозможна за верен превод на други јазици. Преведувачи на англиски се обиделе со делови од поемата, и тоа изгледа вака

13 декември 2025 - 11:38