Кинескиот архитектонски сајт archcy.com единаесет години по ред ја повикува публиката да гласа на годишен конкурс за најгрда градба во Кина. Оваа година веќе се номинирани 87 бизарни дизајни, вклучително и црква во форма на виолина и хотел во форма на тројца мудреци (фото горе).
Подолг период Кина е експериментален простор за амбициозни домашни и меѓународни архитекти, кои не секогаш се прифатени од пошироката публика, а уште помалку од еснафот. Така, во Кина е изградена зградата на националниот радиодифузер, дизајнирана од холандскиот архитект Рем Колхас, која кинеските социјални медиуми ја нарекуваат „големи панталони“ бидејќи им изгледа како голем пар нозе. Во недовршен тематски парк во Хебеи, необична градата која би требало да ја симболизира средбата на истокот со западот изгледа како половина храм, а половина Капитол Хил.
Организаторот на натпреварот вели дека целта на гласањето е да „поттикне размислување за убавината и грдоста во архитектурата, и да ја промовира социјалната одговорност на архитектите“. Сајтот е партнер на некои од најпознатите кинески критичари на архитектурата и фирми од оваа област.
Натпреварот оваа година се одвива и во светлина на заложбата на централната власт да ја забрани конструкцијата на „грди згради“ и на такви повисоки од 500м. За ова во април е формирана и посебна комисија, наречена Комисија за национален развој и реформа. Сепак, не е прецизно објаснето што е тоа точно „грда“ градба - искористен е само изразот „пријатна за око“.
Во моментов во гласањето води влез на престижен кинески универзитет, порта која се состои од шест столба и пет лакови. Студентите кои ја номинирале и масовно гласаат за таа да биде одбрана како најгрда, велат дека таа не личи на триумфална туку на порта за греота. До сега таа има 8739 гласа и е на врвот на списокот.