Помеѓу светскиот успех на неговата трилогија „Долар“ (За грст долари, За неколку долари повеќе и Добриот, лошиот и грдиот 1964-1966), па до неговата смрт во 1989 на возраст од 60 години, Серџо Леоне дал повеќе интервјуа на одбрани филмски новинари и напишал серија есеи за уметниците кои влијаеле врз неговата кинематографија, како Чаплин, Фелини, Форд. Како придружни материјали за неговиот последен филм, „Беше еднаш во Америка“, тој објавил и и неколку статии за својата опсесивна желба да почне да се занимава со филм и како таа желба му се остварила.
Повеќето од овие текстови никогаш се немаат појавено на англиски. Во „Серџо Леоне за самиот себеси“ на биографот сер Кристофер Фрејлинг тој сега ги собрал овие значајни интервјуа, есеи и текстови за да создаде збирка која го отсликува ставот на самиот режисер во однос на сопственото дело. Книгата е илустрирана и со претходно необјавени фотографии, постери и други материјали од збирката на семејството Леоне, која денес се чува во Кинотеката на Болоња.
„Архитектот“ на филмовите за американскиот запад, Леоне, не зборувал англиски. Неговите „шпагети вестерни“ биле снимани во Италија и Шпанија. Во давањето насоки кон актерите и екипата главен израз му бил „гледај ме!“ (watch me), а потоа со мимики објаснувал што му треба.
Леоне бил одличен во мимиките, меѓу другото и затоа што татко му претходно снимал неми филмови во Италија во кои доминирал телесниот израз. „Моите филмови се во основа неми...Дијалогот само додава одредена тежина“, објаснувал Серџо во интервјуата. Доколку се споредат фотографиите од ваквото режирање на Леоне со крајниот резултат - сцената во филмот - излегува дека тие се речиси идентични.
Сепак, имало и моменти кога Иствуд стоел збунет среде пустина, чешајќи се по глава и обидувајќи се да сфати што очекува Леоне од него. Имало и подоцнежни филмови во коишто на сетот имало и преведувач, но тоа само додавало на збунката - појасно било со глумењето на Леоне.
Фотографии од книгата тука